Bilal Altıok
25 Мај 2019•Ажурирај: 28 Мај 2019
БУРДУР (АА) - БИЛАЛ АЛТИОК –
Брачниот пар Тунџај и Еше Кејик, кои живеат во Бурдур, го продолжуваат занаетот од нивните дедовци - маслото од роза и водата од роза ги произведуваат со методот стар од пред два века, јавува Anadolu Agency (AA).
Брачниот пар Кејик живее во селото Илјас, кое се наоѓа покрај езерото Бурдур, познато како место на рози.
Произведуваат масло и вода од роза по метод стар два века, научен од нивните дедовци, татковци и мајки.

Во селото од 350 домаќинства, во 1990-тите години речиси сите во селото произведувале масло и вода по овој метод, а денес оваа традиција ја продолжува само брачниот пар Кејик.
Покрај во Турција, природното масло од роза се извезува и во Саудиска Арабија, Франција и Канада. Се користи во фармацевтската и козметичката индустрија.
Природното масло од рози се добива со неколкучасовно варење во црни котли.
Брачниот пар, двата црни казани исполнети со вода ги става врз огнот, а на секој казан се додава 20 килограми розови ливчиња. Казаните се мачкаат со глина, пареата од водата која врие поминува низ цевки кои овозможуваат да се лади, преминува во течна состојба и потоа се собира во шишиња.
Тунџај Кејик (54), кој 40 години произведува масло од роза по ист метод, во разговор за АА изјави дека стануваат во раните утрински часови, и откако ќе го прехранат добитокот, заедно со соседите заминуваат во розовите полиња.
„Традиционалниот начин на производство на розово масло е многу тешка работа“, истакна Кејик, додавајќи дека бидејќи маслото од роза е испарлива материја, процесот на варење треба да биде бавен, па затоа и процесот трае многу долго.
Кејик истакна дека еден грам од розовото масло се продава за 120 лири (околу 20 долари).
„Доаѓаат да купуваат од сите места на Турција. На пример, од Баликесир, Анкара, Денизли, Истанбул и Коџаели, лица кои работат во хемиската индустрија. Од странство доаѓаат од Саудиска Арабија, Франција и Канада. Маслото од роза сѐ повеќе се користи во фармацевтската и козметичката индустрија“, рече тој.

- „Од 40 килограми рози добиваме 10 грама маст“
Според Кејик, розата е благодет за луѓето од регионот.
„Ние заработуваме од розата. Трите сина ги образовав од парите што ги заработив од розите. Едниот од нив стана инженер. Системот на производство е тежок, но нема што да се прави. За да заработиме неколку лири, со саати стоиме пред огнот. Од 40 килограми роза добиваме 10 грама масло. Купувачите сакаат маслото да го купат по ниска цена, но не знаат колку е тешко производството", вели тој, додавајќи дека само тие во селото го работат ова, на начин како што учеле од нивните дедовци.
„Произведуваме масло од роза и вода со метод стар два века. Не верувам дека нашите деца ќе продолжат со овој метод. Затоа што веќе сѐ се произведува фабрички“, раскажа Кејик.
- „Сакаме да се исплати нашиот труд“
И Еше Кејик истакна дека работи со задоволство.
Таа, истакнувајќи дека сакаат да заработат од својот труд и пот, нагласи: „Сакаме да се исплати нашиот труд. Добивањето на маслото е потешко од собирањето на розите. За варење на розите остануваме до доцните ноќни часови. Секоја работа си има свои тешкотии.“