Erdoğan Çağatay Zontur
25 Мај 2020•Ажурирај: 26 Мај 2020
КАЈСЕРИ (АА) - Турските безбедносни сили досега неутрализираа вкупно 1.458 терористи во прекуграничните антитерористички операции од почетокот на оваа година, истакна денес турскиот министер за одбрана, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Од 1 јануари неутрализирани се вкупно 1.458 терористи како резултат на операциите спроведени во рамките на борбата против тероризмот во северен Ирак и Сирија“, изјави Хулуси Акар во централната турска област Кајсери.
„Турските вооружени сили одлучно ќе ја продолжат борбата сè додека не се неутрализира последниот терорист“, додаде Акар.
Истакнувајќи дека Турција ги вложува сите напори во изнаоѓањето на политичко решение за Сирија, Акар рече: „Иако има одредени помали прекршувања [во северозападниот град Идлиб], прекинот на огнот генерално се почитува.“
„Како резултат на прекинот на огнот, околу 300.000 сириски браќа и сестри се вратија во своите домови безбедно и доброволно“, додаде Акар.
Од 2016 година, Турција започна три успешни прекугранични антитерористички операции во северна Сирија, за да спречи формирање на терористички коридор: операцијата „Штитот на Еуфрат“ (2016), „Маслинова гранка“ (2018) и „Извор на мирот“ (октомври 2019 година).
Турција спроведува операции во рамките на борбата против терористичката организација ПКК во северен Ирак и во Сирија, организација одговорна за смртта на десетици илјади луѓе во Турција во последните децении. ЈПГ е сириски огранок на терористичката организација ПКК, чии припадници честопати прават обиди за инфилтрирање во турските точки со цел изведување терористички акти.