ХАТАЈ (АА) - Министерот за национална одбрана на Турција, Хулуси Акар, соопшти дека операцијата „Пролетен штит“ досега продолжува успешно како што е планирано и дека Турските вооружени сили им возвратиле на сите напади на најсилен начин без колебање, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Акар, заедно со началникот на Генералштабот на турската армија, Јашар Ѓулер, командантот на Копнените сили, Умит Дундар и командантот на Воздухопловните сили, Хасан Кучукакјуз, ноќта ја мина во Центарот за тактичка команда во Хатај, близу границата со Сирија.
Акар, кој во текот на ноќта ги спроведуваше активностите и операциите против целите на режимот во Идлиб, изјави дека со цел да се обезбеди суверенитет, независност и безбедност на благородниот народ, борбата против сите видови закани ќе продолжи со решителност.
„И покрај прекинот на огнот во Идлиб, режимот продолжува да ги зголемува копнените и воздушните напади врз цивилите, без разлика дали се деца, жени или стари лица“, рече Акар, додавајќи дека како резултат на тие напади се случува длабока човечка трагедија, која ги зголеми миграциите кон турската граница.
„Операцијата која ја започнавме во рамките на правото на самоодбрана која произлегува од член 51 од Конвенцијата на ОН и во рамките на договорите од Адана, Астана и Сочи, и која има за цел прекин на огнот, спречување на миграцијата, ставање крај на човечката драма во регионот, осигурување безбедност на нашите трупи, на нашите луѓе и границите, обезбедување мир и стабилност во регионот, продолжува успешно. И покрај тоа што до денеска нема вистинска поддршка, меѓународната заедница дели слична загриженост со нас. Осудувајќи го режимот и Русија, нагласува дека е во солидарност со Турција“, нагласи Акар.
- „Нашата единствена желба е режимот да запре со масакрот“
Истакнувајќи дека како земја гарант Турција ги исполнува сите обврски кои произлегуваат од договорите, Акар рече:
„Нашето очекување од Русија е да ги исполни своите обврски како земја гарант, режимот да ги запре нападите и таа да го користи влијанието врз режимот за да се повлече во границите, во согласност со Договорот од Сочи. Од друга страна, продолжуваат нашите разговори со Русија. На сите им е познато дека не мислиме да влеземе во судир со Русија. Нашата единствена желба е режимот да запре со масакрот и на тој начин да се спречи радикализацијата и миграцијата. Како што знаете, операцијата „Пролетен штит“ започна по нападот на 27 февруари.“
Истакнувајќи дека досега операцијата продолжува успешно како што е планирано, Акар рече дека на сите напади им е возвратено на најсилен начин без колебање.
Акар, исто така додаде: „Во операцијата „Пролетен штит“ до денес неутрализирани се 2 воени авиони, 2 беспилотни летала, 8 хеликоптери, 135 тенка, 5 системи за противвоздушна одбрана, 86 парчиња тешка артилерија, 77 оклопни возила, 9 складишта за муниција и 2.557 елементи на режимот.“