Sarp Özer
11 Август 2019•Ажурирај: 13 Август 2019
ГИРНЕ (АА) - Министерот за национална одбрана на Турција, Хулуси Акар и командното ниво на турските вооружени сили со хеликоптер слетаа на фрегатата „Гемлик“, која го придружува бродот за сондажа „Јавуз“, јавува Anadolu Agency (AA).
„Нашите права и правата на народот на Турската Република Северен Кипар ги браневме и ќе ги браниме до крај, одлучни сме за тоа прашање. Не сакаме никој да ја тестира нашата сила, нашата моќ“, изјави Акар при посетата на бродот.

Посетата на Акар на Турската Република Северен Кипар, заедно со началникот на Генералштабот, генерал Јашар Ѓулер, командантот на копнените сили, Умит Дандар, командантот на поморските сили, Аднан Озбал и командантот на воздухопловните сили, Хасан Кучукакјуз, продолжува.
Во рамките на посетата, Акар и командантите Бајрамската молитва (Бајрам намаз) ја клањаа во џамијата „Хала Султан“.

Министерот Акар и командантите вчера ја посетија фрегатата „Гемлик“, која го придружува бродот за сондажа „Јавуз“. Таму добија информации за активностите на бродот за сондажа и му го честитаа Курбан бајрам на воениот персонал.
Истакнувајќи дека морнарите извршуваат важна задача, Акар рече: „Тука во Кипар, во Источниот Медитеран, на Егејот нема да дозволиме да се случуваат работи набрзина, без ние да бидеме запознаени. Нема да дозволиме да се донесат некои одлуки кои ќе бидат против нашите права. Од почетокот кажуваме дека одлуките во кои нема да учествуваме и ние, нема шанси да се применуваат.“
Министерот Акар, истакнувајќи дека сите одлуки треба да бидат донесени во рамките на добрососедството и меѓународното право, рече: „Никој да не очекува дека тие ќе истражуваат, ќе прават сондажи, ќе вадат нафта, ќе го искористат богатството, а народот на Кипар и на Република Турција и населението од 82 милиона ќе го гледаат тоа без да преземат нешто. Тоа е многу смешно, такво нешто нема и не може да има. Никој да не го очекува тоа од нас. Постојат меѓународни правила, различни практики и методи. Во оваа смисла, ние ги браневме и ќе продолжиме до крај да ги браниме нашите права, правата на народот на Турската Република Северен Кипар. Затоа на таа тема не сакаме никој да ја тестира нашата сила, нашата моќ.“