Mümin Altaş,Sarp Özer
03 Февруари 2020•Ажурирај: 04 Февруари 2020
ХАТАЈ (АА) - Министерот за национална одбрана на Турција, Хулуси Акар, истакна дека никој не смее да се сомнева дека се извршени потребните активности во врска со нападот во Идлиб, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерот Акар, придружуван од началникот на Генералштабот, генерал Јашар Ѓулер, командантот на Копнените сили, Умит Дундар и командантот на Воздухопловните сили, Хасан Кучукакјуз, пристигна во Хатај.
Акар на аеродромот беше пречекан од вториот командант на Армијата, генерал-полковник Синан Јајла и други официјални лица. По пречекот, Акар, заедно со командантите на ТСК, со хеликоптер замина во пограничната единица.
На прашањето на дописникот на АА за нападот во Идлиб, Акар нагласи: „Нашата света нација да не се сомнева дека се прави и ќе се прави сѐ што е потребно.“
Силите на сирискиот режим утринава извршија интензивен артилериски напад против елементите на Турските вооружени сили испратени во регионот, со цел спречување на судирите во Идлиб.
Министерството за национална одбрана на Турција соопшти дека бројот на загинати во нападот се искачи на шест лица, откако на повредите им подлегнаа уште две лица, од кои еден војник и еден припадник на цивилниот персонал.
Mинистерот Акар беше дел од делегацијата на претседателот Ердоган при посетата на Украина, но, по нападот во Идлиб, Акар се врати во Анкара.