Sarp Özer
29 Мај 2019•Ажурирај: 31 Мај 2019
АДАНА (АА) - Министерот за одбрана на Република Турција, Хулуси Акар, изјави дека по завршувањето на операцијата „Канџа“, која се спроведува во северниот дел на Ирак, целта е во потполност од регионот да се отстранат терористичките закани, јавува Anadolu Agency (AA).
Акар заедно со началникот на Генералштабот на турската Војска, Јашар Ѓулер, и командантот на Воздухопловните сили на Република Турција, Хасан Кучукакјуз, допатуваа во Адана, Турција.
Тој имаше прилика да разговара со припадниците на Вооружените сили и да одржи состанок.
Министерот изјави дека е разговарано и за случувањата во Идлиб.
Тој потсети дека режимските сили на сирискиот претседател Башар ал Асад продолжуваат од воздух и од копно да извршуваат напади на Идлиб, Сирија.
„Како последица на тоа, неколку илјади тамошни лица, меѓу кои жени, деца и постари, беа принудени да ги напуштат своите домови. Ова е непосакувана драма и трагедија. Ги продолжуваме своите напори во рамките на процесот од Астана и Договорот од Сочи потпишан на 17 септември. Ја продолжуваме блиската соработка со Русија“, изјави Акар.
Тој додаде дека работат што побрзо да се запре драмата во Идлиб, да се осигури безбедност за луѓето, повторно да се реализира примирје и да се воспостави мир.
„Очекуваме нашите руски партнери да го искористат влијанието на режимот и што побрзо да бидат запрени овие напади од копно и воздух. Секако, во тек се и руските активности и напори за тоа прашање. Се надеваме дека што побрзо ќе бидат успешно завршени и го продолжуваме контактот со Русија за да се воспостави стабилноста во Идлиб и да се реализира примирјето“, изјави Акар.
Тој додаде и дека Турција прави сè што може да ги исполни обврските, без разлика дали во рамките на процесот од Астана, дали во согласност со Договорот потпишан на 17 септември 2018 година.
Истакна и дека турските војници на терен продолжуваат да ги извршуваат своите задачи.
„На тоа подрачје имаме 12 набљудувачки точки. Нивните активности се продолжени во континуитет, без забошотување и без недостатоци. Наша цел е што побрзо да се воспостави примирјето и стабилноста“, изјави Акар.
Тој ја прокоментира и операцијата „Канџа“, која Турција ја започна во северниот дел на Ирак на 27 мај. Според неговите зборови, операцијата се одвива според планот.
„Досега се неутрализирани вкупно 15 терористи“, потврди министерот Акар и додаде дека во акцијата на командосите учествуваат и хеликоптери и беспилотни летала.
„Ќе ја продолжиме борбата додека не бидат неутрализирани терористите за кои откривме дека се позиционирани на тоа подрачје. Ќе се влезе во сите пештери и дупки во кои се кријат терористите“, изјави Акар.
Тој додаде дека активностите за тоа прашање биле одлучно продолжени.
„Се надеваме дека на крајот од оваа операција ќе бидат во потполност отстранети моменталните терористички закани за нашата земја, народ и граници, што се присутни на ова подрачје. Работиме на тоа“, изјави Акар.