Турција

Пензиониран наставник две децении ги преточува прецизноста и макотрпната рачна изработка во телескопи

- Атила Тинкилич, пензиониран наставник по веронаука, од турскиот град Бурса, чија љубопитност за планетите и ѕвездите датира од младоста, во 90-тите години првпат се обидел да направи телескоп

Mustafa Yılmaz  | 06.03.2026 - Обновена : 06.03.2026
 Пензиониран наставник две децении ги преточува прецизноста и макотрпната рачна изработка во телескопи Mustafa Yılmaz/AA

БУРСА (АА) - Атила Тинкилич, пензиониран наставник по веронаука, од турскиот град Бурса, започнал со изработка на телескопи поради желбата да ја набљудува галаксијата Андромеда. Веќе две децении тој произведува телескопи за институции и граѓани, а на заинтересираните им држи и часови за нивна изработка.

Тинкилич, чија љубопитност за планетите и ѕвездите датира од младоста, во 90-тите години првпат се обидел да направи телескоп.

Бидејќи му недостасувале материјали, тој го пролонгирал реализирањето на својата пасија до 2006 година, кога по години истражување и трпеливо трагање по знаење, успеал да го создаде првиот телескоп.

Тинкилич сам ги изработува и огледалата, кои се најважен елемент на еден телескоп. Стаклото со дебелина до 20 милиметри и дијаметар од 15 до 50 сантиметри прво го обликува во конкавна форма со машини што сам ги конструирал, а потоа го премачкува со алуминиум за да го трансформира во функционално огледало.

По поставувањето на огледалата на држачи, исто така, негово дело, тој додава визир со помош на леќи. Покрај готовите производи, Тинкилич на сите вљубеници во вселената, им праќа сетови за изработка, учејќи ги како сами да си изградат патека до ѕвездите.

Веќе две децении произведува телескопи за институции и граѓани, а на заинтересираните им држи и часови за нивна изработка.

Тинкилич во изјавата за Анадолу истакна дека набљудувањето на вселената е од исклучително значење.

Потенцирајќи дека и во Куранот има многу ајети што советуваат да се набљудува небото, тој додаде:

„Можеби, покрај детската љубопитност, влијаеше и тоа. Мојот прв сон беше да ги видам планетите. Првата средба со Марс низ објективот ми донесе мало разочарување бидејќи изгледаше мал и без многу детали.“

„Откако го научив занаетот, направив телескопи од 20, 25, 30, 40 и на крајот од 50 сантиметри, тоа е најголем аматерски телескоп во Турција. Ако амбиентот е соодветен, односно доволно темно и далеку од градските светилки, со телескоп од 20 сантиметри може јасно да ги видите ѕвездените групи во Млечниот Пат, па дури и галаксијата Андромеда. Освен тоа, за уште поголемите ѕвездени групи, овие наши телескопи не се доволни, само оние во опсерваториите. Но доколку ги знаете точните координати на небесните тела, може да го насочите телескопот и да снимите фотографии дури и од многу длабоки галаксии“, вели Тинкилич, кој сам ја совладал вештината на изработка низ години истражување.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.