Mustafa Yılmaz
29 Април 2019•Ажурирај: 30 Април 2019
БУРСА (АА) - МУСТАФА ЈИЛМАЗ -
Реџеп Ујар, муезинот на Зелената џамија во Бурса, Турција, со своите повици за молитва со различна мелодија (мекам) ги воодушевува странските и домашните посетители.
Зелената џамија во Бурса ја посетуваат голем број посетители од странство и од Турција, кои не си заминуваат од џамијата без да го чујат повикот за молитва од страна на муезинот Ујар.
Голем интерес предизвикуваат видеата на социјалните мрежи, во кои посетителите на џамијата од различна религија со восхитеност го слушаат повикот за молитва на муезинот, го снимаат и го споделуваат на социјалните мрежи.
Ујар, кој по 20 години работа како имам во Измит во 2002 година е префрлен во Зелената џамија во Бурса, за Аnadolu Аgency (AA) рече дека езанот е еден од симболите на исламот.
Тој нагласи дека повикот за молитва со различна мелодија (мекам) е специфичен за Турција, додавајќи дека во другите исламски земји, секојпат повикот за молитва е со ист тон. Тој посочи дека Зелената џамија во Бурса добила едно поинакво значење со доаѓањето на странските и турските гости.

„Наша основна цел е во нашата Бурса, во нашата Турција, на сите гости од земјата и од странство, да им го презентираме исламот, нашата толерантност, она што го знаеме и задоволни да ги испратиме од тука“, зборуваше Ујар.
- „Се дава големо значење на убавото учење на езанот и Куранот“ -
Муезинот Ујар потсети дека од османлиското време наваму, отсекогаш му се придавало значење на убавото учење на езанот и Куранот. Зборувајќи за историјата на Зелената џамија, Ујар рече дека се обидува да ја отслика традицијата која е пренесена од османлискиот период.
„Нашата Управа за верски прашања му придава големо значење на учењето на езанот и Куранот. И ние, колку што научивме, колку што имаме моќ и сила, особено на странците им презентираме дека во Турција секој повик на молитва се изведува со 5 различни мелодии (меками). Се разбира, бидејќи кај нив нема еден ваков обичај, многу се задоволни, дури и оние кои не се муслимани, со солзи во очите си заминуваат од тука. Управата за верски прашања организира курсеви за учење езан. Со приклучувањето на овие курсеви, ние ги учиме мекамите на езанот. Во Турција, особено во џамиите на османлиските султани или нивните сопруги, во Истанбул се учат езани со мекам. Со мекам се повиците за утринската молитва (сабах), пладневната молитва, икиндија, акшам и вечерната молитва (јација)“.
Муезинот Ујар посочи дека го започнал мелодичниот повик за молитва со цел да го претстави како посимпатичен езанот пред странските туристи.