Турција

Мајсторот Ариф од Истанбул повеќе од половина век им вдахнува живот на часовниците

- Роден во турскиот град Чанкири во 1954 година, Ариф Коџаман дошол кај својот чичко во Истанбул, и на само 14 години почнал да продава часовници на пристаништето Еминону

Ahmet Cemil Yeşilmen  | 06.03.2026 - Обновена : 06.03.2026
Мајсторот Ариф од Истанбул повеќе од половина век им вдахнува живот на часовниците Arif Hüdaverdi Yaman/AA

ИСТАНБУЛ (АА) - Ариф Коџаман, од турскиот град Истанбул, кој својата љубопитност кон часовниците ја преточил во професија, на 72-годишна возраст продолжува да им вдахнува живот на античките часовници, негувајќи го занаетот што сам го научил уште на 14-годишна возраст.

Роден во Чанкири во 1954 година, Коџаман дошол кај својот чичко во Истанбул, и на само 14 години почнал да продава часовници на пристаништето Еминону.

Не задоволувајќи се само со продажба, тој почнал сам да ги истражува и поправа механизмите, а поради децениите поминати работејќи на пристаништето, го добил прекарот „мајстор Ариф од пристаништето“.

Денес, со повеќе од половина век мајсторство зад себе, тој во својата работилница во Фатих, со голема прецизност ги поправа античките механизми, не отстапувајќи ниту за педа од својот завет: „Само вистински дел и беспрекорна чесност“.

Раскажувајќи за својата професија за Анадолу, Коџаман се присетува на времето кога како дете на пристаништето продавал часовници, и постојано се обидувал да ги поправи расипаните часовници.

Тој вели дека за да добие дозвола за продажба на пристаништето, бесплатно ги поправал часовниците.

Присетувајќи се на својата прва поправка на часовник од марката „зенит“, тој вели: „Тоа никогаш нема да го заборавам. Го расклопуваш, ги редиш деловите еден до друг. Веднаш се гледа кој е скршен. Мораш да вметнеш идентичен дел. Ако му ставиш туѓ дел, па макар бил од злато или дијамант, тој нема да проработи. Во саатчиството нема импровизација. Не можеш да мамиш.“

Коџаман истакна дека низ годините обучил многу чираци, од кои некои дури и го надминале неговото мајсторство.

- „Вредните часовници ги поправам без пари“

Саатчиството е уметност на прецизноста која не се сведува на обично отворање капак или замена на батерија. Коџаман вели дека неговите раце ги познаваат тајните на секој механизам - од најмодерните па сè до оние со вековна патина.

Со посебен пиетет кон старините, тој раскажува: „Сум вратил во живот часовници стари и по двесте години. Кога пред мене ќе се најде некое бесценето парче, знам и бесплатно да го поправам. Самата помисла - ’јас успеав да го оживеам ова’ - ми е доволна награда.“

Иако со своите 72 години го носи товарот на бројни болести, Коџаман секоја недела ги посетува бит-пазарите во потрага по нови антички парчиња.

Тој со жалење забележува дека денес златото од старите вредни часовници често се претопува за други намени, и додаде дека смета дека таквите историски парчиња не смеат да се уништуваат на тој начин.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.