Турција, наука и технологија

Турскиот робот „Џума“ дизајниран за роботско програмирање ќе стекне нови вештини со вештачката интелигенција

Компанијата „Biorobotec“ започна да работи на трансформирање на роботот „Џума“ во физички асистент со димензии на возрасен човек кој може да оди, да зборува и да учи

Mustafa Yılmaz  | 15.03.2024 - Обновена : 18.03.2024
Турскиот робот „Џума“ дизајниран за роботско програмирање ќе стекне нови вештини со вештачката интелигенција Фото: Мустафа Јилмаз - АА

БУРСА (АА)

- Мустафа ЈИЛМАЗ


ИТ-компанијата која делува во технолошката развојна зона Улутек Технопарк во Бурса, започна да работи на трансформирање на роботот „Џума“. Роботот кој во првата фаза беше дизајниран како материјал за обука на роботско програмирање, со трансформацијата ќе се претвори во физички асистент со димензии на возрасен човек кој може да оди, да зборува и да учи, известува Анадолу.

Компанијата „Biorobotec“, која во софтверската индустрија делува од 2002 година, користејќи ги предностите на „Ulutek Technopark“, започна да работи на сетови за обука за програмирање, роботи асистенти и хуманоидни бионички роботи.

По првата фаза од соработката во истражувањето на компанијата и Одделот за компјутерско инженерство при Факултетот за инженерство на Универзитетот „Улудаг“ во Бурса, на полето на роботски материјал за обука за програмирање, потребни беа 6 месеци за да се изгради прототип на робот со глава, полутело и раце кој може да разликува маж, жена, дете и возрасен и може да ги имитира движењата на раката и гестикулациите на лицето на личноста отспротива.

Се прават напори роботот наречен „Џума“, кој минатата година беше претставен на Саемот за образовни технологии ТЕКНОФЕСТ, со помош на вештачката интелигенција да се стекне со вештини како што се обработка на видео, јазична анализа, анализа на емоции и да може да одговори на поставени прашања.

Со студиите за истражување и развој се планира, користејќи метални делови, трансформирање на роботот, кој во моментов изгледа како дете на 4-5 години, во бионички физички асистент во возрасна форма со височина од 1,80 метри.

Адем Аксу, сопственикот на компанијата, за АА изјави дека со цел да ја пополнат празнината во областа на бионички едукативни материјали, произвеле роботски комплети за програмирање во форма на рака, глава и полутело.

Зборувајќи дека во втората фаза од проектот, инженерите од компанијата во соработка со проф. д-р Ахмет Емир Дирик и доц. д-р Муртеза Џиџиоглу продолжуваат да работат на студијата за истражување и развој на полето заш обработка на видеоматеријал, јазична анализа и анализа на емоции користејќи вештачка интелигенција, Аксу истакна дека кога ќе дојдат до последната фаза, се надева дека ќе имаат хуманоиден бионичен асистент кој се движи и зборува.


- „Со скенирање на лицето ќе може да изврши GBT-пребарување за секого“

Изјавувајќи дека ќе започнат со истражување и развој за движење и рамнотежа на хуманоиден бионички робот со човечки надворешен изглед кој може да изразува гестикулации на лицето, Аксу продолжи со зборовите:

„Со првата фаза, ние всушност го елиминиравме недостатокот во технолошкото образование на роботското програмирање. Во тек сме на прелиминарни преговори и кога во втората фаза ќе заврши работата околу обработката на видеото и употребата на вештачка интелигенција на роботот асистент, планираме во соработка со други компании за истражување и развој кои се дел од Текнопарк, да го програмираме како службеник за консултации во болници, општини и хотели. Станува збор за роботи асистенти кои во овие институции комуницирајќи со граѓаните ќе можат да одговорат на секое поставено прашања и да дадат насоки врз основа на „базата на податоци“ на самата институција. Во исто време, ќе развиеме роботи асистенти наменети за образовниот сектор кои ќе даваат обука на теми поврзани со него.“

Аксу истакна дека безбедносниот сектор е главната цел што сакаат да ја постигнат со проектот.

„Во иднина ќе гледаме роботи кои шетаат на станиците за јавен превоз и на терминалите. Ова не е многу далеку. Зошто нашиот да не биде еден од овие роботи?“, рече Аксу, велејќи дека работат поттикнати од оваа идеја.

„Благодарение на обработката на видеото, нашиот робот ќе може да скенира сечие лице и да врши GBT-пребарување. Ќе може да го мери пулсот и температурата на лицето што доаѓа, да детектира слепи точки што камерите не можат да ги видат, да ги идентификува пронајдените предмети со меѓусебна споредба на предмети, да ги информира релевантните единици за сомнителни пакети коишто не може да ги спореди преку сопствен систем. Во исто време, сакаме да еволуираме во сектор што може да дава услуги како што се водење луѓе, информации и консултантски услуги“, рече Аксу.

Наведувајќи дека софтверот и дизајнот на „Џума“ е изработен со домашни ресурси, а некои делови ги донеле од странство, Аксу рече дека во следните фази имаат за цел производот да го користат за интеракција и едукација на лицата со Даунов синдром.


- „Соодветен е со особините на нашиот народ“

Доц. д-р Муртаза Џиџиоглу, член на наставниот кадар на Одделот за компјутерски софтвер на Катедрата за компјутерско инженерство при Универзитетот Улудаг во Бурса, рече дека ѝ даваат поддршка на компанијата во развојот на софтвер за вештачка интелигенција, што ја претставува основата на роботот.

Нагласувајќи дека проектот е добар пример за соработка меѓу универзитетите и индустријата, Џиџиоглу рече:

„Се навикнавме на виртуелните асистенти заедно со вештачката интелигенција, но сега треба да се навикнеме на физички асистенти. Ова ќе биде пример на физички асистент. Ќе можете да го користите и примените во многу области, од образованието до здравството, војската и многу други. Како ќе го имплементирате? Вие само ќе го приспособите софтверот што го имате на сценариото таму. Откако ќе го приспособите сценариото на него, ќе создадете систем, производ што може да се приспособи на кое било поле во кое сакате да го користите и тој ќе биде физички асистент. На пример, наместо чувар кој талка по аеродром или разни места, за вашата безбедност всушност ќе биде одговорен физички робот. Бидејќи сме од академската страна, внимаваме и на етичките принципи. Турскиот робот „Џума“ всушност се совпаѓа со личните особини на нашиот народ. Големиот јазичен модел ќе го приспособиме на нашиот јазик и ќе го оформиме според нашите сопствени сценарија. Затоа, тоа ќе биде робот единствен за нас, ќе нѐ разбира и ќе ни дава точни одговори.“

Генералниот директор на технолошката развојна зона „Ulutek Technopark“, проф. д-р Ирфан Караѓоз, изјави дека во нивната структура се наоѓаат речиси 200 компании.

Потсетувајќи дека вештачката интелигенција брзо се развиваше во последниве години и најде примена во различни сектори, Караѓоз рече: „Нашите компании продолжуваат со својата работа за примена на вештачката интелигенција во земјоделството, преработувачката индустрија, образованието и технологиите за роботи.“

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.