АНКАРА (АА) - Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, истакна дека Турција со новиот претседателски систем се здоби со можноста против регионалните и глобалните кризи да обезбеди брзи и посеопфатни рефлекси, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган имаше обраќање во Конгресниот центар „Бештепе“ по повод двегодишнината од воведувањето на претседателскиот систем во земјата.
„Претседателскиот систем е единствената административна реформа спроведена по волјата на нашата нација во потрагата по демократија 200 години“, нагласи Ердоган.
Изразувајќи дека во овој период имало секаков вид стапици, напади, игри, предавства, болки и маки, Ердоган рече: „Исто така, во овој период, имаше секаков вид на борба, секаков вид херојство, секаков вид храброст и секаква победа.“
Истакна дека преминувањето во новиот претседателски систем е несомнено најклучната транзиција.
„Турција со новиот претседателски систем се здоби со можноста против регионалните и глобалните кризи да обезбеди брзи и посеопфатни рефлекси. Резултатите од тоа ги видовме, ги гледаме во многу области, од настаните во Источниот Медитеран до епидемијата на коронавирусот. Има ли недостатоци? Се разбира дека има. Повторно, со можностите што ги дава новиот систем, можеме брзо да ги поправиме недостатоците. Како и секоја промена, ќе биде потребно време и за оваа промена.“
Нагласувајќи дека борбата против тероризмот продолжува ефикасно во сите области, Ердоган рече:
„Во последните две години реализиравме повеќе од 234 илјади операции против ПКК, од кои 224 илјади во руралните области, повеќе од 10 илјади во градовите. Во терористичките операции неутрализирани се вкупно 2.354 терористи, на тој начин бројот на терористи внатре во земјата е намален на 400.“
Во своето обраќање, турскиот претседател се осврна и на борбата против ФЕТО.
„Против терористичката организација ФЕТО, извршител на едно од најголемите предавства на нашата земја и народ, спроведени се 17.000 акции. Значително ги уништивме сите структури на ФЕТО, од бирократијата до деловниот свет, и продолжуваме да ги чистиме останатите“, нагласи Ердоган.
Коментирајќи ги антитерористичките и други операции кои Турција ги спроведува за заштита на сопствените граници, Ердоган рече дека тие операции се спроведуваат во рамките на меѓународните договори и врз база на суверените права која ги има земјата.
„Турција е една од ретките држави која во своето минато нема дамки на робовладетелство и злосторства. Носени од таа гордост и не претендирајќи кон ничии права, ние ќе продолжиме одлучно да се браниме и да се бориме за своите права“, рече Ердоган.
Потсетувајќи дека е објавен документот за Визија за образованието во 2023 година Ердоган истакна дека во последните две години изградени се 2.805 нови училишта во основното и средното образование, 15 илјади нови училници, 17 научни и уметнички центри, 1.913 лаборатории, 1.304 библиотеки и 634 дигитални библиотеки.
Претседателот Ердоган, потсетувајќи дека Турција им пружила помош на разни земји во борбата против Ковид-19, рече: „Турција досега за време на пандемијата обезбеди медицинска опрема за 136 земји и 4 меѓународни организации.“
Во своето обраќање по повод двегодишнината од воведувањето на претседателскиот систем Ердоган се осврна и на случувањата во Либија и Сирија.
„Ги натеравме пучистите да се повлечат од Триполи. Ги пратиме последните случувања, никој да нема очекувања, нема да го дозволиме ни тоа“, порача Ердоган.
Тој рече дека турските сили во Сирија ќе останат сè додека илјадагодишните соседи и браќа Сиријци не се здобијат со мир и слобода.
„Деновиве се организираат избори во Сирија. Таканаречени избори. Така ли се прават избори? Каде се земјите што велат ‘демократија, демократија? Ќе прогласат и резултати. Наспроти ова, ние треба да го кренеме својот глас во име на угнетените и жртвите“, рече Ердоган.
Првите директни избори за претседател на Турција се одржаа на 10 август 2017 година, а на 16 април 2017 година се одржа и референдум за премин од парламентарен во претседателски систем на управување во Турција. Земјата по парламентарните избори на 24 јуни 2018 година го заврши процесот на премин кон новиот систем на управување со Ердоган како прв директно избран претседател.
news_share_descriptionsubscription_contact
