Ekipa
29 Ноември 2019•Ажурирај: 30 Ноември 2019
ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот јавен емитер на англиски јазик ТРТ Ворлд (TRT World) е домаќин на второто доделување на наградата „Граѓанин на светот“ (World Citizen Award), која му беше доделена на Абдул Азиз Вахабзаде за храброто спротивставување на терористот кој го изведе нападот врз џамиите во Нов Зеланд, јавува Агенција Анадолија (АА).
Генералниот директор на Турската радио-телевизија (TRT), Ибрахим Ерен, во воведното обраќање истакна дека луѓето низ светот бараат промени во актуелниот глобален систем.
„Наспроти актуелниот светски поредок, сѐ погласни се повиците дека светот е поголем од пет сили. Турција е во центарот на овие апели и промени, и е пионер на нов и поправеден свет“, порача Ерен.
На церемонијата во Истанбул присуствуваше и сопругата на турскиот претседател, Емине Ердоган, која во обраќањето истакна дека Турција е една од најдарежливите земји во светот.
„Нашата земја низ историјата отсекогаш била засолниште за оние кои биле прогонувани и кои бегале од војни. Турција со раширени раце ги прими оние кои беа жртви на дискриминација. Со векови, Турција го градеше своето искуство во хуманитарното дејствување“, порача Емине Ердоган.
Наградата „Граѓанин на светот“ (TRT World Citizen Award) за 2019 година му беше доделена на Абдул Азиз Вахабзаде за храброста што ја покажа спротивставувајќи му се на Брентон Тарант, терористот кој во март оваа година изведе крвави напади врз џамиите во новозеландскиот град Крајстчрч. Тарант во тој терористички напад уби најмалку 50 верници во џамиите.
Наградата, пак, за „Жени на војната“ (Women of War) ѝ беше доделена на Фатиме Алабад, жената која својата ќерка Бана ја водеше во известувањето на светската јавност за воените голготи во сириски Алепо.
Наградата за едукатор на годината (Citizen Educator Award) е доделена на Хава Аден Мухамед, позната и како „Мама“, а станува збор за жена која две децении им помага на жените бегалци во Сомалија.
Добитник на наградата за комуникатор на годината (Communicator Award) беше Ахмед Абу Ретаима, писател и поет кој преку социјалните мрежи го иницираше Големиот марш на враќање во Газа.
Наградата за истакнато младо лице во светот (Youth Award) ѝ припадна на Рејхана Џамалова, иноваторка која како 15-годишна го дизајнираше „Rainergy“, систем за производство на електрична енергија од дождовница.