Sertaç Bulur
22 Декември 2016•Ажурирај: 23 Декември 2016
АНКАРА (АА) - Во рамките на опсежната истрага за активностите на терористичката организација ФЕТО, турската полиција приведе 35 поранешни вработени во Турската радио-телевизија ТРТ, јавува Anadolu Agency (AA).
Неименуван извор од безбедносните сили за АА изјави дека станува збор за приведувања извршени во рамките на истрагата што обвинителството од Анкара ја води против ФЕТО во вкупно 12 турски области.
Турското обвинителство издаде налог за приведување на вкупно 68 поранешни вработени во ТРТ кои се товарат дека го користеле системот за шифрирана комуникација „БајЛок“, кој беше канал за тајна комуникација меѓу членовите на терористичката организација ФЕТО инфилтрирани во државните и во јавните институции на Турција.
Досега припадниците на одделот за организиран криминал при полициската управа на Анкара, приведоа 35 осомничени во 12 градови, а акцијата за приведување на останатите од списокот е во тек.
„БајЛок“ е систем за шифрирана комуникација што го користеа членовите на терористичката организација ФЕТО, предводена од Фетула Ѓулен, а која е одговорна за неуспешниот обид за државен удар во Турција што се случи на 15 јули оваа година. Преку тој канал за комуникација, раководството на ФЕТО на своите членови им испраќало наредби и упатства за терористичките активности со кои таа организација го поткопувала системот и државата Турција.