Ekipa
16 Март 2017•Ажурирај: 16 Март 2017
ЊУЈОРК (АА) – По одржаните средби во Обединетите нации (ОН), турската министерка за семејство и социјална политика, Фатма Бетул Сајан Каја, даде изјава за АА и за ТРТ, во која раскажа за дипломатскиот скандал во Холандија и даде процена за средбите во ОН, јавува Anadolu Agency (AA).
Каја рече дека во својот говор во ОН објаснила оти случувањата во Холандија не се во согласност ниту со дипломатијата, ниту пак со демократијата и дека на билатералните средби со министрите од 12 држави, од прва рака го пренела срамниот третман.
- „Не постои сличен настан во дипломатската историја“ -
Исто така, Каја рече дека луѓето со кои контактира не можеле да поверуваат во она што го чуле, и истакна: „Сите рекоа дека во дипломатската историја не постои сличен настан и навистина не поверуваа во она што го слушнаа. Некои од нив дури и прашуваа дали тоа е шега. Навистина, случувањата од таа вечер беа срам за Европа и за Холандија како држава, за земја-членка на ЕУ. Бевме жртви на нечовечно однесување“.
- „Со часови не ни дозволија дури ни во тоалет да појдеме“ -
Министерката Каја рече дека со часови биле држани на едно место и оти не им било дозволено ниту да влезат во конзулатот, ниту пак да се вратат назад.
„Полицијата ни рече: ‘Дадени ни се такви наредби. Не можеме да ве пуштиме внатре' и постојано повторуваа дека ќе нѐ депортираат од државата. Јас реков: ’Ќе влезам во оваа зграда и ќе се сретнам со нашите државјани. Мене не може ниту една сила да ме извади од овде’. Чекавме долго. Се спротивставувавме и дававме отпор. Моето обезбедување, советниците, конзулот и заменикот конзул беа приведени, однесени во затвор и држани во ќелија. Понижувачки ги ставија во ќелија, како обични терористички криминалци. Навистина бевме изложени на нечовечно однесување. Со часови не ни дозволија дури ни во тоалет да појдеме.
Подоцна, кога сфатија дека нема да се симнам од возилото, повикаа шлеп-служба. Додека шлеп-службата го влечеше возилото и кога сфатив дека ќе ме депортираат, се симнав од возилото. Ме качија во полициското возило и ми рекоа дека ќе ме однесат до германската граница. Но, не ме однесоа ниту таму. Ме одведоа во полициска станица. Таму чекав околу еден и пол час“, рече Каја.
- „Бевме изложени на нецивилизациски третман“ -
Каја истакна дека односот на Холандија кон неа бил нечовечен, како кон жена министерка, која дошла неколку дена по меѓународниот ден на жената во нивната држава, и истакна: „Според мене, тоа беше срамна ноќ за Холандија. Се вели дека причина биле парламентарните избори. Ниту изборите, ниту гласањето не можат да бидат причина за да се потисне демократијата, слободата на изразување, слободата на движење и слободата на собир. Навистина, ова е многу нечовечно, бевме изложени на нецивилизациски третман. Најверојатно, ова е прв ваков случај во дипломатската историја“.
Каја рече дека за време на блокадата била задржана на 30 метри пред турскиот конзулат и оти ги слушала гласовите на турските државјани. „Постојано ги слушав гласовите на нашите државјани. За време на седумчасовното чекање, гласот на нашите државјани ми даваше сила. Навистина, заслугата за тоа што успеав толку цврсто да стојам таму е благодарение на нашите државјани“, истакна Каја.
На крајот, министерката додаде: „Се надевам дека на 16. април, нашите граѓани ќе го дадат најдобриот одговор за ваквиот став на Европа“.