Mehmet Sıddık Kaya
28 Ноември 2019•Ажурирај: 29 Ноември 2019
ДИЈАРБАКИР
Мајките од Дијарбакир, со надеж дека ќе ги вратат своите деца, продолжуваат со протестите пред зградата на обласното претседателство на Народната демократска партија (HDP), која ја сметаат за одговорна за киднапирањето на нивните деца и носењето во терористичките кампови, јавува Агенција Анадолија (АА).
Мајките од Дијарбакир протестите ги започнаа на 3 септември, па денеска е веќе 87. ден откако протестираат.
- „Или ќе го земам син ми или ќе умрам овде“
Сонѓул Алтинташ, истакнувајќи дека нејзиниот син Муслум е киднапиран и однесен во планина пред пет години, рече дека нема да заминат од пред зградата на партијата сѐ додека не ги земат своите синови.
Наведувајќи дека покрај сите нивни напори, Народната демократска партија (HDP) и терористичката организација ПКК не го враќаат нејзиниот син, Алтинташ нагласи:
„Колку и да вложувам напори, Народната демократска партија и ПКК не го даваат мојот син. Веќе не знаеме каде да се обратиме. Им кажуваме само еден збор, нека ми го вратат мојот син. И ние да си заминеме оттука. Тука сме веќе 87 дена, ќе останеме ако треба и 87 години. Нема да си одиме оттука. Уште првиот ден кога дојдов си реков или ќе го земам син ми или ќе умрам овде.“
„Повеќе немам сила за трпение“, рече Алтинташ, и додаде: „Мојот син се наоѓа на студ. Ние тука повеќе не можеме да издржиме. Колку години мојот син е во пештери, планини, на снег? Којзнае сега во каква состојба е? Може ли срцето мое да го издржи ова? Какви луѓе се тие? Не можам да разберам.“
Алтинташ, истакнувајќи дека терористичката организација ги згаснала животите на нивните деца, се запраша: „Што направија тие за Курдите? Никогаш не сториле ништо за Курдите. Само ги повредија, придонесоа да бидат тажни. Ги изгореа срцата на мајките.“
Таа исто така додаде:
„Ние ја имаме Турција, нашата татковина, имаме знаме. Ние друго ништо не сакаме. Ми недостига мојот син. Ми недостига мирисот, гласот на мојот син. Кога ќе ми текне на него, срцето ми гори. Повеќе не знам што да направам.“
- „Тие немаат вера“
Севдет Демир, исто така е една од мајките од Дијарбакир, чиј син Фатих е киднапиран пред четири години, во пекарницата во областа Хани каде што работел.
„Сѐ додека нема добри вести за мојот син, нема да одиме оттука, ако треба и ќе умреме“, рече Севдет.
Таа, истакнувајќи дека нејзиниот син паднал во рацете на угнетувачите кои немаат совест, додаде:
„Од нив ги сакаме само нашите деца. И да се загинати, не ни ги даваат нивните безживотни тела. Тие немаат вера. Сега нашите деца на овој студ се гладни. Дали имаат и сув леб? Тие на своите деца нека им даваат сув леб. Се прашувам дали нашите деца имаат облека? Нивните деца облекуваат јакни, чизми од брендови. Којзнае во која состојба се нашите деца. Господ да ги казни, и тие да не видат никаква добрина од своите деца.“