АНКАРА
Победата на натпреварот „Istanbul Photo Awards“ им дава на фотографите можност да ја објават својата работа, зголемувајќи ја публиката и нејзината гледаност, изјави фоторепортерот Фабио Бучарели, овогодишниот добитник на првата награда во категоријата „Вести/стории“, јавува Агенција Анадолија (АА).
Додека светот се бореше со тешкотиите што пандемијата на Ковид-19 ги донесе со себе, натпреварувањето „Istanbul Photo Awards“ во организација на Агенција Анадолија, го привлече вниманието врз случувањата низ целиот свет преку моќта на фотографијата.
Бучарели е меѓу фоторепортерите кои комуницираа со луѓе од целиот свет за тоа како смртоносниот вирус влијае на секојдневниот живот и тоа го преточи во фотографиите направени во Италија во почетокот на 2020 година.
„Добив ексклузивен пристап до работниците на Црвениот крст кои одеа од врата до врата за да ги проверат заразените. Тоа беше интимен поглед на катастрофалниот начин на кој коронавирусот „распарчуваше“ семејство по семејство“, изјави Бучарели.
Споменувајќи дека посетувал болници полни со пациенти заразени со Ковид-19, тој ја опиша својата врска со семејствата како „толку интензивна“, бидејќи во најтрагичните случаи му дозволиле да ги придружува на гробишта на потресните церемонии на кои можеле да присуствуваат само најблиските.
Нагласувајќи дека отсекогаш се обидувал да создаде емпатија кон луѓето што ги фотографира, истовремено грижејќи се за човековите права, тој рече: „Мојот главен фокус отсекогаш бил толкувањето на ова чувство и создавањето на кохерентна иконографија.“
Зборувајќи за важноста на независното, визуелно новинарство, тој рече дека никогаш немало да се знае што се случува во Сирија или Либија, доколку фотографите „не ја документирале војната на сопствен ризик“.
Тој смета дека професионалното, независно новинарство е „клучот за борба против незнаењето, лажните вести и пропагандата“.
„Освојувањето награда е секогаш важна благодарност и признание за сработеното. Но, главната цел останува крајната цел на новинарската работа, а тоа е да се шират информации и знаење преку привлекувањето на вниманието на јавноста со содржината.“
„Победата на „Istanbul Photo Awards“ дава дополнителна дифузија на сработеното, зголемувајќи ја публиката и гледаноста“, рече Бучарели.
- „Сѐ што сакам е да ја одразувам вистината“
Угур Јилдирим, фоторепортер во турскиот весник „Сабах“ (Sabah) ја освои втората награда во категоријата „Вести/стории“ за неговата работа во Нагорно Карабах. Тој визуелно го сними конфликтот меѓу Азербејџан и Ерменија од воената зона.
Споделувајќи ја приказната за својата победничка фотографија, Јилдирим рече дека иако повеќето луѓе го опишуваат тоа што се во воената зона како „лудило“, неговата единствена желба била „да ја отслика вистината“, без план или сценарио пред снимање.
„Сакав да го покажам уништувањето на оваа војна преку смртта на цивили“, рече тој. „Фотографирањето на приказната за цивилите што загинаа е повредно за мене.“
„Во оваа серија се обидов да ги откријам траумите на луѓето километри подалеку од воените зони, поради разорниот ефект од бруталната смрт. Ги фотографирав луѓето кои се соочија со горчливата реалност на војната во неочекуван момент.“
Говорејќи за целта на фоторепортерството, Јилдирим рече: „Одговорноста на фотографот за вести е да остане верен на овие сцени од реалниот живот.“
„Фотографијата можеби не го менува светот, но може да создаде свест во општеството во кое живееме. Може да го обликува јавното мислење во подобра или полоша точка. Може да мобилизира држави и маси“, додаде тој.
Јилдирим рече дека го следи натпреварот „Istanbul Photo Awards“ уште од првиот ден.
„Со своето жири и наградени фотографии, навистина има посебно и почитувано место меѓу натпреварите од светска класа.“
„Освојувањето награда на овој натпревар беше исто така важна цел за мене. Уживам во гордоста и среќата да освојам награда од овој респектабилен натпревар.“
- Глобални разговори преку вистинити информации поткрепени со факти
Во истата категорија, фоторепортерот на „Гети имаџес“ (Getty Images), Крис МекГрат, ја освои третата награда за неговата работа на масовната експлозија на пристаништето во Бејрут во август 2020 година.
„Особено ме погоди приказната за 10-те пожарникари од вод 5, кои беа првите што реагираа на местото на пожарот во складиштето на пристаништето 12. Сите загинаа во експлозијата“, рече тој.
Тој се потсети на неговата желба да ги следи нивните приказни што е можно поблиску, велејќи дека главно се фокусирал на одразување на големите погреби во заедницата организирани за овие мажи и жени.
„Во овие времиња на лажни вести и социјални медиуми, поважно е да постојат фоторепортери и новинари кои известуваат вистинити информации поткрепени со факти од настани низ целиот свет и ги дистрибуираат овие дела преку почитувани новински организации“, рече тој.
За МекГрат, фоторепортерството има моќ да започне глобални разговори околу актуелните настани за да се донесе промена во животот на луѓето.
„Како и за секоја награда, секогаш е голема чест да се препознаат сликите и сториите во индустријата и да се овозможи сторијата да продолжи да се гледа во годините што доаѓаат во архивата на наградите“, заклучи тој.
Повеќе информации за наградените фотографии може да се добијат преку веб-страницата „www.istanbulphotoawards.com“. Тие ќе бидат вклучени во книгата на фотографии од натпреварот, а исто така ќе бидат прикажани на изложби за посетители.