Турција

Агенцијата Анадолија веќе 101 година го пренесува гласот на Анадолија во светот

- Агенцијата Анадолија (АА) со налог на Гази Мустафа Кемал Ататурк е основана на 6 април 1920 година за време на Војната за независност и веќе 101 година го пренесува гласот на Анадолија во светот.

Mehmet Tosun  | 05.04.2021 - Обновена : 07.04.2021
Агенцијата Анадолија веќе 101 година го пренесува гласот на Анадолија во светот

АНКАРА

Агенцијата Анадолија (АА) со налог на Гази Мустафа Кемал Ататурк е основана на 6 април 1920 година за време на Војната за независност и веќе 101 година го пренесува гласот на Анадолија во светот.

Основана 17 дена пред отворањето на Големото национално собрание на Турција, АА со своето над 100-годишно искуство продолжува да биде извор на веродостојни вести.

АА како една од највлијателните и најреномирани информативни агенции во светот, се разликува од останатите со вестите и сликите што ги пренесува од жешките актуелни региони.

Основањето на Агенција Анадолија се случи во тешки времиња, што можат да се наречат „пресвртна точка на Националната борба“.

Јунус Нади (Абалиоглу) и Халиде Едип (Адивар), угледни интелектуалци кои го напуштија Истанбул пет дена по официјалната окупација на Истанбул и тргнаа на пат за Анадолија за да се приклучат на Националната борба, за време на паузата на станицата „Акхисар“, разговарале за „основање агенција веднаш штом ќе пристигнат во Анкара“.

Јунус Нади и Халиде Едип, додека зборувале за името на агенцијата, го избрале „Агенцијата Анадолија“ меѓу опциите „Турцијa“, „Анкара“ и „Анадолија“.

Според зборовите на Јунус Нади, „вечерта на 4 или 5 април“ по вечерата во Земјоделското училиште, кое се користело како штаб, на Мустафа Кемал-паша му е предложено да се формира Агенцијата Анадолија. По овој разговор, со налог на Мустафа Кемал-паша, Агенцијата Анадолија е основана на 6 април 1920 година.

Агенцијата Анадолија стана гласот на националната борба во земјата и надвор од неа.


- Формирана со историски указ

Мустафа Кемал-паша не само што формирањето на Агенција Анадолија го објави испраќајќи го историски указ низ целата земја, туку посочи и на важноста од информирањето на домашната и странската јавност за борбата што ја водат.

Во указот потпишан од Мустафа Кемал-паша во врска со формирањето на Агенција Анадолија се вели:

„Откако Османлискиот султански центар, кој е духовно исламско место, е под непријателска окупација, нашата земја и нашиот народ се соочуваат со голема опасност. Во време на националната и света војна во која влегоа цела Румелија и Анадолија, важен услов е муслиманите да се информираат со точни вести од земјата и од светот. Како резултат на тоа основана е институција под името „Агенција Анадолија“ под раководство на специјален одбор составен од овластени лица.“


- Првата вест беше објавена на 12 април 1920 година

Во првиот период, големо значење му се придаваше на пренесувањето на вестите на Агенцијата Анадолија во сите делови на земјата, за што беше одлучено да се објавуваат најмалку два билтени на ден. Во друг указ потпишан од Мустафа Кемал, како претседател на Големото национално собрание на Турција, на 5 мај 1920 година, било побарано да се искористат сите средства за да може билтените на АА да се достават до најоддалечените точки во земјата и да се спроведе потребната истрага од страна на поштите и телеграфските центри за билтените што не пристигнаа на време.

Агенцијата „Анадолија“, основана под тешки услови на денот, на 12 април 1920 година започна да ги објавува своите први вести. Во првиот билтен била презентирана состојбата во земјата и во тие рамки била претставена целта за основањето на Агенцијата Анадолија. Додека во билтенот е спомената важноста на дистрибуцијата на билтените на Агенцијата Анадолија, истовремено во овие билтени била нагласена потребата од воспоставување мрежа за дистрибуција на агенциските билтени и важноста оваа мрежа да работи редовно. Во првиот билтен биле вклучени вести и од земјата и од странски земји.

Во првиот билтен што го достави Агенцијата се вели:

Од денес со работа почнува „Агенцијата Анадолија“, која е формирана со цел да обезбеди нашите браќа и сестри да можат да ги добиваат најточните вести и информации, во време кога нашиот државен центар е окупиран од непријателот, а Анадолија и Румелија делуваат храбро и одлучно во одбраната и заштитата на правата и одбраната на владеењето на правото (Müdafaa-i Hukuk). Нема потреба да се споменува дека денес објавените вести и информации е неопходно да бидат прочитани од што е можно поголем број луѓе. За таа цел, ќе бидат формирани приватни организации кои секојдневно изработените билтени испишани врз црни плочи ќе ги доставуваат до пред вратите на телеграфските куќи, и по отпечатувањето и објавата, ќе бидат и дистрибуирани во градовите, па дури и во селата. Затоа ве молиме за помош, од љубов кон нашата земја и нација, да ги исполните своите должности. По овој вовед, подолу се најновите информации за денес…“


- Адреса на вистинските вести

Агенцијата Анадолија, која своето основање се обиде да ѝ го соопшти на целата земја со официјални декларации, имаше за цел со најточните домашни и странски вести, да ја информира јавноста за причините, насоката за развој и другите елементи на борбата за национална независност во Анадолија.

Мустафа Кемал-паша одблиску се интересираше за ефикасноста и функционирањето на АА на национално ниво. За таа цел, тој не само што го објави формирањето на АА, направи и разни преписки и предупреди особено за прашањето за испорака на билтените на Агенцијата.

Во указот што го испратил до Анадолискиот телеграфски центар на 18 април 1920 година, Мустафа Кемал-паша вели дека небрежноста при доставувањето на билтените на АА претставува злосторство кон татковината и ги наведува следните зборови:

„Добиваме поплаки дека Агенцијата Анадолија не се проширила на некои места и не е испратена. Во време кога во Анадолија се прекинати врските со надвор, несомнено се претпоставува дека оваа услуга, која се презема со цел да се држат свесни и информирани сите припадници на нацијата, ќе биде прифатена и зајакната од сите наши телеграфи и би сакале да се знае дека секоја небрежност во оваа работа ќе претставува државен криминал.“


- АА стана „гласот“ на Војната за независност

Основањето на АА создаде голема возбуда во Анадолија, која беше љубопитна за случувањата во врска со Војната за независност и Владата на Анкара. По указот на Мустафа Кемал-паша, започнаа да доаѓаат телеграми со честитки од целата земја во врска со формирањето на АА во Анкара. Во овие телеграми беше наведено дека тие се подготвени да работат на дистрибуција и испорака на билтените на АА до јавноста.

Преземени се мерки за пренесување на вестите на АА не само до јавноста, туку и до воените единици кои се борат на фронтот. Покрај ова, билтените на Агенцијата Анадолија беа доставени и до анадолискиот печат, кој се издаваше во различни региони на Анадолија, со цел да се зголеми свеста на луѓето од регионот против угнетувањето, заплашувањето и обидите за окупација од страна на силите на Антантата.

Од друга страна, лично Мустафа Кемал-паша нареди да се направат напори, вестите на АА за националната борба во голема тајност да се пренесат до јавноста и до народот во окупираниот Истанбул и до весниците што ја поддржуваа борбата за национална независност. Официјалните коминикеа на Владата во Анкара, важните случувања од странство, предупредувањата до јавноста, вестите од Големото национално собрание на Турција и од фронтот и билтените на АА кои содржеа одговори на копнената пропаганда на окупационите сили, пополнија огромна празнина, и може да се каже дека отворија втор фронт во име на Националната борба што може да се нарече печатен медиум.

По Јунус Нади и Халиде Едип, вработените во Агенцијата, на кои им се приклучи и Хамдулах Суфи, се зголемија на 10 во првите месеци. Работејќи во просторија на Земјоделското училиште, првото седиште на Националната борба, Агенцијата немаше можност да ги објавува билтените во печатницата. Бидејќи двете постојни печатници во Анкара беа стари и честопати се расипуваа, билтените понекогаш беа удвојувани со дупликатор, понекогаш беа пишувани рачно со хартиена копија ставена под нив, а овие копии беа испраќани до телеграфската канцеларија.


- Агенцијата досега ја водеа 26 генерални директори

Алаедин Беј беше првата личност што беше назначена за генерален директор на Агенцијата Анадолија.

Алаедин Беј, кој функцијата ја започна на 1 јануари 1926 година, му ја предаде функцијата на Мувафак Менеменџиоглу на 1 февруари 1931 година. Фаик Х. Хозар, кој стана генерален директор на 19 октомври 1944 година, му ја предаде својата функција на Мувафак Сунал на 1 јуни 1946 година. Зиха Гевхер Етили служеше како генерален директор во периодот 1948-1951, Саим Нури Уреј во периодот 1951-1952, Шериф Арзик 1953-1959, Фирузан Ф. Текил 1959-1960, Џемал Ајген 1960-1961. Ердоган Улус, кој фунцијата ја извршуваше во 1961 година, местото му го препушти на Наил Мутлугил, кој пак, функцијата му ја препушти на Мунир Берк во 1963 година. Подоцна, по ред, функцијата генерален директор на АА ја извршуваа Атила Онук, Изет Седес, Ајтекин Јилдиз, Џевдет Танјели, Хусаметин Челеби, Бехич Екши, Џејхан Бајтур, Тургај Учоз, Екрем Караисамилоглу, Мехмет Акарџа, Мехмет Ѓулер, Хилми Бенги, Кемал Озтурк и Шенок Казанџи.

При подготовката на билтените, Агенција Анадолија, како во минатото, така и денес, строго се придржува на принципите на објавување.

За време на Војната за независност, АА имаше задача информирајќи ја нацијата, да ја одржува подготвена наспроти поттикнувањата и лагите што го загрозуваа националното единство. Таа го информираше народот за одлуките и постапките што во време на националната борба се спроведуваа за независноста на земјата и ја информираше јавноста за работата и одлуките донесени од Големото национално собрание на Турција, давајќи значителен придонес во обезбедувањето на интеграцијата на народот и владата.



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.