Sinan Uslu
10 Ноември 2017•Ажурирај: 10 Ноември 2017
АНКАРА (AA) - Денес во Турција, со пригодна програма и манифестации се одбележува 79-годишнината од смртта на Мустафа Кемал Ататурк, основачот на современа Република Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
Централната манифестација е приредена на платото на Антикабир, мавзолејот на Ататурк во Анкара, каде што присуствуваа турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, началникот на Генералштабот на турската војска, Хулуси Акар, претседателот на опозициската Републиканска народна партија (CHP), Кемал Киличдароглу, челникот на Партијата на национално движење (MHP), Девлет Бахчели, како и претставници на законодавната, извршната и правосудната власт.
Претседателот Ердоган положи венец во мавзолејот, по што точно во 9.05, во часот кога почина првиот претседател на Турција, Ататурк, во негова чест се огласија сирените.
Ердоган се потпиша и во посебната книга на сеќавање во Аниткабир.
„На 79-годишнината од неговата смрт, уште еднаш со почит се присетуваме на големиот командант на Турската војна за независност, основачот на Република Турција и прв претседател на Републиката, Мустафа Кемал Ататурк. Република Турција ја гледаме како едно од најважните наследства што ни ги остави Ататурк, поради што ќе продолжиме деноноќно да работиме за да ја доведеме до нивото на модерна цивилизација“, напиша Ердоган.
Пред Аниткабир присуствуваа и голем број граѓани на Турција, коишто му одадоа почест на првиот претседател на Република Турција, а по официјалната церемонија, Аниткабир е отворен за посетители.
Слична манифестација на оддавање почест е приредена и во палатата Долмабахче, каде што Ататурк почина на денешен ден.
Утрово во 9.05 часот, во часот кога почина Ататурк, дневните активности во цела Турција беа запрени на две минути. Во тој час се огласија и сирените, а луѓето со едноминутен молк и на други пригодни активности се сетија на основачот на Република Турција.
Особено се несекојдневни глетките на запрениот сообраќајот на патиштата, кога возачите излегоа од своите возила и му оддадоа почест на Ататурк.
Годишнината од смртта на Ататурк со пригодни програми и приеми се одбележува во цела Турција, но и во дипломатските претставништва на земјата во светот.
Ататурк е роден во 1881 година, во градот Солун, тогашно Османлиско Царство. Најголемата воена слава ја стекнал предводејќи ги турците борци во битката на Чанаккале. По распадот на Османлиското Царство по завршувањето на Првата светска војна, Ататурк ја предводеше турската војска во ослободителната војна.
Како основач и претседател на Република Турција, земјата ја трансформирал во модерна, секуларна и прозападна држава. Починал на денешен ден 1938 година, на возраст од 57 години.