Dzihat Aliju
13 Март 2017•Ажурирај: 14 Март 2017
БИТОЛА (АА) – Во Битола се одржа свечена церемонија по повод 118-годишнината од дипломирањето во средното воено училиште на големиот турски лидер и ветеран, Мустафа Кемал Ататурк, јавува Anadolu Agency (AA).
Церемонијата се одржа во Градскиот музеј на Битола, поранешното Средно воено училиште, и на неа присуствуваа Зоран Јолевски, министер за одбрана на Р. Македонија, Зејнеп Ѓундуз, советничка на амбасадорката на Република Турција во Скопје, Салих Мурат, член на Уставниот суд на Р. Македонија, Бејџан Илјас, министер без ресор на Р. Македонија, генерал-мајор Мухамед Рацај, заменик-началник на Генералштабот на АРМ, бригадниот генерал Сулејман Ертизман, шеф на делегацијата на Генералштабот на Турција, делегација на турските воени сили, политичари, ученици од Средното воено училиште, како и други гости.
По интонирањето на химните на двете земји, министерот Јолевски во својот говор потсети дека од 2010 година досега, секоја година традиционално, на 13. март Министерството за одбрана на Македонија и Генералштабот на АРМ ги пречекува гостите од Турција.
Јолевски истакна дека македонскиот народ е многу почестен бидејќи еден голем државник како Ататурк учел и живеел во оваа земја. Тој нагласи дека школувањето на Ататурк во Битола е причината за славење на 13. март за македонско-турското пријателство и соработка.
„Турција како член на НАТО, од самиот почеток ја поддржува Македонија. Западниот Балкан само на овој начин може да биде безбеден и моќен. Од тој аспект, многу е важно лидерството на Турција и затоа би сакал да ја изразам мојата благодарност кон Турција“, рече Јолевски, истакнувајќи дека приоритетите на државната политика на Македонија се ЕУ и НАТО.
Генералот Ертизман истакна дека се чувствува среќен бидејќи се наоѓа во пријателска земја со која имаат многу заеднички врски од политички, економски, социолошки и од културен аспект.
„Исто така, Македонија претставува едно поднебје каде што се едуцирале големите државници и команданти како Александар Велики и Мустафа Кемал Ататурк, кои ја одбележале светската историја“, нагласи генерал Ертизман, истакнуваќи дека Македонија е територија со богата историјата.
Советничката на амбасадорката на Турција во Македонија, Ѓундуз ја изрази својата благодарност што е дел од оваа церемонија. Таа рече дека Македонија е пример на мирот, стабилноста и културата за соживот на Балканот и истакна дека најголемата желба на Турција е Македонија да напредува на секое поле.
За време на церемонијата беше промовирана и книгата со наслов „Македонско-турските односи низ историјата“.
Церемонијата заврши со посетата на Градскиот музеј на Битола и Спомен собата на Ататурк, која е дел од овој музеј.