Erbil Başay
22 Март 2018•Ажурирај: 22 Март 2018
БЕРЛИН (АА) - Aтлетичарoт од Јамајка, Јусејн Болт, утре ќе тренира со играчите на германскиот бундеслигаш „Борусија“ од Дортмунд, а настанот го најави како проба да започне фудбалска кариера, јавува Anadolu Agency (AA).
Неприкосновениот спринтер и светски рекордер на 100 и 200 метри, на својот профил на Твитер објави порака до играчите и навивачите на тимот од Дортмунд, и потврди дека ќе присуствува на утрешниот тренинг.
„Борусија (BVB), бидете подготвени во петок“, порача Болт и додаде дека не се шегувал кога зборувал за фудбалските аспирации.
Управата на „Борусија“, исто така потврди дека 31-годишниот Болт ќе тренира утре со екипата и дека тренингот ќе биде отворен за јавноста.
Страствениот навивач на „Манчестер Јунајтед“, Јусејн Болт, ја заврши својата атлетска кариера по минатогодишното Светско првенство, а претходно најави дека ќе тренира со „Борусија“ за да го слушне мислењето за фудбалскиот талент.
„Знам дека нема да се посрамотам, но ако ми кажат дека сум добар и дека ми треба малку тренинг, ќе продолжам“, порача осмократниот олимписки и единаесеткратниот светски атлетски првак Болт.