Ekipa
20 Март 2018•Ажурирај: 20 Март 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - Мехмет Фатих Думан / Хилми Север
Емануел Адебајор, фудбалска ѕвезда и голгетер од редовите на екипата Медипол Башакшехир, која се наоѓа на врвот од турската фудбалска Суперлига, воодушевува со својата игра и покрај тоа што е на 34-годишна возраст, пишува Anadolu Agency (AA).
Фудбалерот од Того кој има значајна кариера и има играно во голем број големи европски фудбалски тимови, по еден многу несреќен период во неговата кариера, се пронајде себеси во екипата на Медипол Башакшехир и повторно започна да се воздигнува.
Адебајор во редовите на Медипол Башакшехир дојде на полусезоната од Турското фудбалско првенство 2016/2017. Иако немаше играно 6 месеци, Адебајор со својот перформанс даде голем придонес во играта на Медипол Башакшехир.
- Во 45 официјални натпревари постигна 21 погодок -
Емануел Адебајор одигра 45 официјални натпревари во дресот на Медипол Башакшехир и успеа 21 пат да ја затресе мрежата на противничките тимови.
- Две и пол сезони заврши со 3 погодоци -
Пред да премине во екипата на Медипол Башакшехир, Адебајор речиси го допре дното на својата кариера, постигнувајќи само 3 погодоци во 2,5 сезони.
Играјќи во редовите на англискиот премиерлигаш Тотенхем во сезоната 2014/2015, Адебајор одигра 17 официјални натпревари, постигнувајќи 2 погодоци, додека по преминувањето во редовите на Кристал Палас во сезоната 2015/2016, одигра 15 официјални натпревари, постигнувајќи само еден погодок.
- Го носеше дресот на големи фудбалски клубови -
Адебајор својата професионална фудбалска кариера ја започна во сезоната 2003/2004 за француската екипа Монако. Досега тој го носеше дресот на голем број големи фудбалски клубови од Европа.
Во својата прва сезона во дресот на Монако, играше во финалето на Лигата на шампиони, каде што беа поразени од Порто со резултат 3:0. Неговата игра го привлече вниманието на Арсен Венгер, кој посака да го доведе во Арсенал.
Адебајор премина во редовите на Арсенал во полусезоната од фудбалското првенство 2005/2006. Играјќи за Арсенал, Адебајор успеа неговото име да се прочуе низ целиот свет.
По 3,5 сезони изминати во редовите на Арсенал, Адебајор одигра 1,5 сезона во Манчестер сити, од каде што премина во Реал Мадрид, каде што играше половина сезона.
Во сезоната 2011/2012 година, Адебајор потпишувајќи за Тотенхем, се врати во форма. Во редовите на Тотенхем одигра 4 сезони. Додека во првите 3 сезони имаше значителен успех и придонес за клубот, голгетерот од Того во последната сезона покажа игра што беше под очекувањата.
По Тотенхем, во сезоната 2015/2016 премина во редовите на Кристал Палас. Откако не ја покажа посакуваната игра, на почетокот од сезоната 2016/2017 остана без ангажман.
- Чолак за Адебајор: Како центарфор е многу моќен -
Танжу Чолак, кој во минатото беше голгетер на Европа и Турција упати пофалби за играта на Адебајор.
Зборувајќи дека од доаѓањето во редовите на Медипол Башакшехир, Адебајор покажува успешен перформанс за клубот, Чолак рече: „Како центарфор е многу моќен, многу добро прави притисок и како ниту еден друг центарфор, ја прави нервозна одбраната на противничкиот тим. Тоа е многу важно за екипата. Несебичен е и има бескрајна желба за успех. Знаејќи ја важноста на натпреварот, ја дава сета своја моќ на теренот“.