Recep Şakar
12 Јануари 2022•Ажурирај: 13 Јануари 2022
МЕЛБУРН (АА) - И покрај тоа што останува нејасно дали српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ, светскиот рекет број еден, ќе биде депортиран од Австралија, тој продолжува со своите тренинзи, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Откако одлуката на австралиската Влада за укинување на визата беше поништена од страна на Федералниот и семеен суд на Австралија, Ѓоковиќ првпат се појави на тренинг во арената „Род Лејвер“, каде што се играат финалните натпревари на Австралија опен.
Ѓоковиќ, кој на моменти изгледаше замислено во текот на тренинзите, се очекува попладне по вторпат да се појави на тренинг, кој, исто така ќе биде отворен за медиумите.
По одлуката на судот, фактот дека австралискиот министер за имиграција, Алекс Хоук, повторно може да му ја одземе визата на Ѓоковиќ користејќи ги неговите министерски овластувања, останува нејасно дали Ѓоковиќ ќе остане во Австралија.
„Министерот моментално мисли за ова прашање и процесот е во тек“, се вели во соопштението на портпаролот на министерот Хоук.
Австралиските единици за заштита на границите под сојузното Министерство за имиграција истражуваат дали славниот тенисер дал лажни изјави во неговото барање за виза за Австралија. Се наведува дека министерот Хоук ќе одлучува според тој извештај.
- Што се случи?
Ѓоковиќ, кој не откри дали има примено вакцина против Ковид-19 или не, изјави дека ќе учествува на тенискиот турнир Австралија опен што ќе се одржи во Мелбурн со одлука за медицинско изземање.
Откако стигна во Мелбурн, решението за изземање на Ѓоковиќ не му беше прифатено и му беше откажана визата за влез. Ѓоковиќ беше однесен во хотел каде што се сместени мигранти.
Ѓоковиќ, кој има 9 грен слем титули на Австралија опен и 20 грен слем титули во кариерата, до Федералниот суд поднесе жалба поради укинувањето на визата.
Федералниот и семеен суд на Австралија утврди дека Ѓоковиќ е во право, а одлуката за укинување на визата на австралиската Влада беше поништена.