спорт

Сообраќајни несреќи што го потресоа фудбалскиот свет

- Во слични несреќи животот го загубија фудбалери на турската екипа Самсунспор, бразилскиот тим Шапекоенсе, англискиот тим Манчестер јунајтед, италијанскиот Торино и техничкиот тим и фудбалерите на националниот тим на Замбија

Mutlu Demirtaştan  | 11.01.2022 - Обновена : 12.01.2022
Сообраќајни несреќи што го потресоа фудбалскиот свет

ИСТАНБУЛ

Поранешниот репрезентативец на Турција и фудбалер на прволигашкиот клуб Конјаспор, Ахмет Чалик (28), загина во сообраќајна несреќа во Анкара, а тоа нè потсети на имињата на лицата од светот на фудбалот што ги загубија животите во сообраќајни несреќи, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Смртта на турскиот репрезентативец Ахмет Чалик, кој го загуби животот како последица на превртување на автомобилот на автопатот Анкара - Нигде, го потресе фудбалскиот свет.

И порано имало многу слични сообраќајни несреќи во фудбалскиот свет. Во слични несреќи животот го загубија фудбалерите на турската екипа Самсунспор, бразилскиот тим Шапекоенсе, англискиот тим Манчестер јунајтед, италијанскиот Торино и техничкиот тим и фудбалерите на националниот тим на Замбија, како и фудбалерот на Аланијаспор, Јозеф Шурал, на Денизлиспор, Доган Сејфи Атли, Шпанецот Хозе Антонио Рејес и Аргентинецот Емилијано Сала. Сите овие случаи го потресоа фудбалскиот свет.


- Во несреќа загина фудбалерот на Аланијаспор, Шурал

Чешкиот фудбалер Јозеф Шурал не ја преживеа несреќата во која приватниот минибус со играчите на Аланијаспор се преврте кога се враќаше од Кајсери во април 2019 година.

Шурал, кој беше меѓу 7-те фудбалери во минибусот, почина во болницата каде што беше пренесен.


- 30-годишната болка на Самсунспор

Автобусот што ја превезуваше екипата на Самсунспор за натпреварот од првенството против Малатијаспор на 20 јануари 1989 година се судри со камион во областа Хавза.

Во несреќата животот го загубија 5 лица, меѓу кои фудбалерите Музафер Бадалиоглу, Мете Аданир, Зоран Томиќ, тренерот Нури Асан и возачот на автобусот Асим Озкан.

Повредени беа фудбалерите Емин Кар, Ерол Динлер, Шанвер Гојмен, Орхан Килинч, Касим Чикла, Фатих Ураз, Бурханетин Беадини, Јуксел Огутен, Угур Терзи и менаџерот Јуксел Озан.

По сообраќајната несреќа, клубот Самсунспор додаде црна боја на нивните црвено-бели дресови во спомен на лицата што ги загубија животите.


- Доган Сејфи Атли не ја преживеа несреќата

Доган Сејфи Атли, младиот играч на Денизлиспор, почина во декември 2001 година во сообраќајна несреќа што се случи на патот од Ајдин кон Денизли.

Фудбалерот Атли беше тешко повреден откако неговиот автомобил удрил во бариерите кај областа Назили.

Младиот фудбалер починал во болницата каде што бил пренесен.


- Рејес загина во сообраќајна несреќа во неговата земја

Шпанскиот фудбалер Хозе Антонио Рејес загина во сообраќајна несреќа во својата земја.

Рејес, кој играше за екипи како што се Севиља, Атлетико Мадрид и Арсенал, не ја преживеа несреќата што се случи на 1 јуни 2019 година во областа Утрера на југот на Шпанија.


- Сала не успеа да настапи за својот нов тим

Аргентинскиот фудбалер Емилијано Сала загина при урнувањето на авионот во кој се наоѓаше, по само два дена откако го потпиша најважниот трансфер во неговата кариера од француски Нант во англискиот тим Кардиф Сити.

Авионот со пилотот Дејвид Иботсон и Сала исчезна во Ла Манш на 21 јануари 2019 година при летот од Нант, Франција, кон Кардиф, главниот град на Велс.

Четири дена беа потребни за да се утврди дека телото пронајдено две недели по несреќата му припаѓа на аргентинскиот фудбалер.


- Екипата на Шапекоенсе одеднаш исчезна

Авионот со фудбалерите и техничкиот тим на Шапекоенсе, еден од тимовите на бразилската фудбалска лига, се урна во Медељин, Колумбија, на 29 ноември 2016 година.

Животот го загубија 71 од 77 лица (9 членови на екипажот, 68 патници) што беа во авионот што се урна на планински терен.

Несреќата ја преживеаја фудбалерите Алан Рушел, Елио Нето и Жаксон Фолман.


- Авионска несреќа го погоди италијанскиот фудбалски клуб Торино

Италијанскиот тим Торино беше една од најдобрите екипи во Европа, особено со својот настап во 1940-тите.

Под водство на капитенот на тимот, Валентино Мацола, италијански репрезентативец, 5 пати по ред ја освои шампионската титула во Серија А. Поради трагичната авионска несреќа мораше да се збогува од својата „златна доба“.

Торино одигра пријателски натпревар со португалска Бенфика по повод јубилејот на капитенот на португалската репрезентација, Франсишко Ферејра. На натпреварот во Лисабон беше поразен со 4:2.

За време на враќањето, авионот што го превезуваше тимот се урна во планините во близина на градот Торино на 4 мај 1949 година поради лошите временски услови. 31 лице, меѓу кои 18 фудбалери, што го формираа костурот на фудбалската репрезентација на Италија, техничкиот тим и новинари ги загубија животите во несреќата.


- Починаа осум играчи на Манчестер јунајтед

Манчестер Јунајтед, еден од најафирмираните клубови во англискиот фудбал, претрпе голем шок откако освои две шампионски титули по ред поради авионската несреќа што се случи на 6 февруари 1958 година и која во историјата е позната како „Минхенска катастрофа“.

Манчестер јунајтед, во четвртфиналето на Купот на победниците на куповите се соочи со Црвена звезда, и на домашен терен го совлада противникот со резултат од 2:1.

На натпреварот во Белград резултатот беше 3:3, со тоа Манчестер јунајтед се пласираше во полуфиналето. Радоста остана недовршена поради трагедијата што се случи.

Авионот со екипата на Манчестер јунајтед по полетувањето од Белград слета на аеродромот „Рејм“ во Минхен, Германија, за да наполни гориво.

Кога сакал да полета, авионот не можел да постигне доволна брзина и удри во бариерите околу аеродромот.

Од вкупно 44 лица во авионот, 20 лица загинаа во моментот на несреќата. И покрај сите напори, 3 лица со тешки повреди што беа пренесени во болницата „Ректс дер Изар“ во Минхен, не можеа да се спасат. Во несреќата животот го загубија вкупно 23 лица, меѓу кои 8 фудбалери на Манчестер јунајтед.

Фудбалерите кои ги загубија животите се: Роџер Берн, Марк Џонс, Еди Колман, Томи Тејлор, Лијам Вилан, Дејвид Пег, Данкан Едвардс и Џеф Бент.


- Несреќата што го шокираше африканскиот континент

Еден од најболните денови во фудбалот на африканскиот континент беше доживеан со авионската несреќа што се случи во Либрвил, Габон, на 27 април 1993 година.

Со цел да учествува на Светското првенство во 1994 година, репрезентацијата на Замбија со авион полета кон Габон за да игра со фудбалската репрезентација на Габон.

Авионот на патот еднаш наполнил гориво. Се урнал на кратко растојание од аеродромот каде што требало да се слета.

Во несреќата загинаа 25 патници и 5 стјуардеси. Во несреќата, за која беше утврдено дека се должи на грешка на пилотот, загинаа 18 играчи од националниот тим на Замбија (Ефорд Чабала, Џон Соко, Вајтсон Чангве, Роберт Ватијакени, Естон Муленга, Дерби Макинка, Моузес Чиквалаквала, Виздом Мумб Чанса, Келвин Мутале, Тимоти Мвитва, Нумба Мвила, Ричард Мванза, Семјуел Чомба, Моузес Масува, Кенан Симамбе, Годфри Кангва, Винтер Мумба, Патрик Банда) и тренерот Годфри Читалу.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.