Şenhan Bolelli
09 Мај 2017•Ажурирај: 10 Мај 2017
МАДРИД (АА) - Шпанските спортски медиуми ги интензивираа своите тврдења дека турскиот репрезентативец Арда Туран, во летниот трансфер период ќе се збогува со Шпанската прва фудбалска лига (Ла Лига), каде што одигра вкупно 6 сезони, од кои 4 во Атлетико Мадрид и 2 во Барселона, јавува Anadolu Agnecy (AA).
Весникот El Mundo Deportivo (Ел мундо депортиво), кој внимателно го следи клубот Барселона, тврди дека најверојатно кон крајот на сезоната Арда Туран ќе го напушти клубот, а на насловните страници ги објави играчите што ќе го заменат турскиот репрезентативец. „Барселона сака да го продаде турскиот фудбалер за најмалку 25 милиони евра. Барса бара квалитетен и висококвалификуван играч од среден ред кој ќе го замени Арда. Првите кандидати се: Ангел Ди Марија од Парис Сен Жермен, Реус од Борусија Дортмунд и Витоло од Севилја“, беше наведено во веста насловена „Резервните делови на Арда“.
Каталонскиот спортски весник тврди дека Арда Туран не ги исполнил големите очекувања„ во двете сезони во Барселона. „Од Арда се очекуваше игра со квалитетот на Иниеста и Нејмар, но тој не го исполни тоа. Тој не беше решавачки во важните натпревари. Исто така, неговиот најголем поддржувач, тренерот Луис Енрике, си оди кон крајот на сезоната. Арда доби значителна понуда за трансфер и клубот сака да го продаде“, пишува весникот.
El Mundo Deportivo тврди дека турскиот репрезентативец ја одбил понудата на кинеските клубови од 18 милиони евра, и наведува: „Сѐ уште важат понудите на кинеските клубови. Исто така, менаџерот на Арда води преговори со клубовите Арсенал и Интер. Изворите блиски до Арда Туран покажуваат голема веројатност дека турскиот фудбалер следната сезона ќе игра во Премиер лигата“.
Од друга страна, исто и весникот „Марка“ го наведува Арда меѓу првите фубалери што ќе ги напуштат своите клубови во летниот трансфер период. „Марка“, и покрај што менаџерот на Арда ги негираше тврдењата за трансфер, тврди дека Барселона сака да го продаде турскиот репрезентативец.