СКОПЈЕ (АА) - Централните и локалните институции, како и бројни граѓани на Северна Македонија, организирани преку граѓанските здруженија, се активираа за да им помогнат на албанските жители погодени од земјотресот на 26 ноември, јавува Агенција Анадолија (AA).
На бројните активности што се преземаат во Северна Македонија им се придружи и Фудбалскиот клуб Шкупи, чие раководство донесе одлука, парите собрани од продажбата на билетите на денешниот натпревар против Академија Пандев во 16. коло од Првата лига, да се донираат за семејствата во Драч.
Спортскиот директор на клубот, Омер Буњаку, во изјава за медиумите пред почетокот на натпреварот, немаше точна информација колку пари може да се соберат, но рече дека во продажба се повеќе билети од самиот капацитет на стадионот.
„Ние како клуб одлучивме да им помогнеме на нашите браќа во Албанија. Во соработка со навивачката група Шверцери, донесовме одлука парите од овие билети што ќе бидат продадени да ги испратиме на оние семејства на кои им требаат. Во моментот го немам точниот број продадени билети, и за тоа верувам дека ќе ве информираме на нашата веб-страница, но ние пуштивме на продажба повеќе билети од капацитетот на стадионот“, рече Буњаку, кој додаде дека од раководството на клубот се разгледуваат и други форми на помош.
Во меѓувреме, за време на натпреварот, навивачите на ФК Шкупи поставија плакат со натпис „Ние сме една крв, едно месо и една коска“, а како знак на почит кон жртвите од земјотресот, решија да не навиваат со пеење песни, како што е вообичаено.
Присутен беше и градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, кој зборуваше и за помошта што ја пружа Општина Чаир, потенцирајќи дека тие сакаат да се солидаризираат со сите градови и држави кои даваат поддршка преку различни иницијативи.
„Вчера во Општинскиот совет усвоивме сума од 12.000 евра или 720.000 денари што ги уплативме на сметката на албанската Влада. Но, вчера, исто така изјавивме дека нашите активности не запираат тука. Вчера отпатува комбе со лекови, ќебиња, различни набавки што Амбасадата [на Албанија] ги побара во моментот и кои беа неопходни, донирани од разни донатори, како и од граѓани од општината кои изразија желба доброволно да дадат пари и други средства“, рече Ганиу.
Градоначалникот на Чаир исто така рече дека во Драч се присутни неколку доброволци, едно противпожарно возило заедно со стручен персонал, а исто така најави и второ комбе со храна за бебиња и лекови.
Покрај Општината Чаир, за санирање на штетите од земјотресот кој на 26 ноември ја погоди Албанија, Владата на Северна Македонија издвои 6 милиони денари (околу 100.000 евра); Градот Скопје издвои 3 милиони денари (околу 50.000 евра); Општина Тетово донираше 1,5 милион денари (околу 25.000 евра), средства претходно наменети за украсување на градот за новогодишните празници.
Општина Гостивар исто така ги пренамени средствата наменети за украсување на градот за новогодишните празници. Станува збор за 1,1 милион денари (околу 18.000 евра). Општина Кичево издвои 720.000 денари (околу 12.000 евра), додека Општина Струга издвои 1 милион денари (околу 16.500 евра).
Освен финансиските средства, бројни централни и локални институции испратија свои екипи за противпожарна заштита, екипи за пребарување и спасување, опремени, меѓу другото, со термални камери и дронови, како и кучиња обучени за такви природни непогоди.
Исто така, општините населени со албанско население ги откажаа празничните активности за 28 Ноември - Денот на албанското знаме, додека општините Тетово, Гостивар и Струга прогласија денови на жалост.
Покрај напорите на институциите, бројни граѓани, организирани од хуманитарни и други здруженија, отворија пунктови за собирање на локации во различни градови каде што се собираат и испраќаат разни донации.
news_share_descriptionsubscription_contact
