Fatih Erel
19 Август 2019•Ажурирај: 21 Август 2019
ИСТАНБУЛ (АА) - Германскиот фудбалски клуб „Баерн Минхен“ денес го соопшти трансферот на бразилскиот интернационалец Филипе Кутињо, кој на една сезона ќе биде позајмен од Барселона, пренесува Anadolu Agency (AA).
Баерн има отворена опција и да го купи Кутињо од Барса.
„Кутињо прво ќе помине една сезона како позајмен играч од шпанскиот шампион Барселона. ФК „Баерн“ има опција да го купи 27-годишниот играч по истекот на договорот како позајмен играч на 30 јуни 2020 година“, се вели во соопштението на германскиот клуб.
Баерн Минхен ќе ѝ плати на Барселона 8,5 милиони евра, како и платите на играчот. Договорот опфаќа и опција за купување на играчот за фиксни 120 милиони евра, објави Барселона.
„За мене овој потег значи нов предизвик во нова земја, со еден од најдобрите клубови во Европа. Како и ФК „Баерн“, и јас имам голем амбиции и убеден сум дека можам да ги постигнам заедно со моите нови соиграчи“, истакна Кутињо по потпишувањето на договорот.
Извршниот директор на Баерн, Карл-Хајнц Румениге, во врска со трансферот изјави: „Веќе извесен период работиме на донесувањето на Филипе Кутињо во клубот, и многу сме среќни што успеавме да го комплетираме овој трансфер. Му се заблагодаруваме на ФК „Барселона“ што се согласи за трансферот. Со својата креативност и извонредните вештини, Филипе е играч кој веднаш ќе го зајакне нашиот напад.“
Кутињо претходно играше за италијанскиот клуб „Интер“, за бразилскиот „Васко да Гама“, за „Еспањол“ во Шпанија и англискиот „Ливерпул“. Кутињо, исто така, ѝ помогна на својата земја, постигнувајќи 15 гола на 55 меѓународни натпревари.