Hüseyin Burak Demirer
17 Февруари 2020•Ажурирај: 18 Февруари 2020
АНКАРА (AA) - Во американскиот град Чикаго викендов се одржа 69. издание на НБА Ол-стар викендот, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Пред почетокот на натпреварот беа споменати деветте лица кои починаа во хеликоптерската несреќа, меѓу кои се наоѓаа легендарниот кошаркар Коби Брајант и неговата ќерка Џијана.
По говорот на Меџик Џонсон, една од легендите на НБА и на светската кошарка, свое обраќање имаше пејачката и актерка Џенифер Хадсон, која додека на екраните се менуваа инсерти од кариерата на Брајант, ја испеа песната „For All We Know“.
Играчите, пред да ѝ бидат претставени на публиката, се фатија за раце и ѝ оддадоа почит на загинатата кошаркарска легенда. Тимот на Јанис Антетокунпо на терен излезе со дресови на кои се наоѓаше бројот 24, бројка што Коби Брајант ја носеше на дресот во последните 10 години од својата кариера, додека тимот на Леброн на теренот излезе со дресови на кои се наоѓаше бројот 2 што Џијана го носеше во училиштето за кошарка.
Тренер на екипата на Леброн беше Франк Вогел, актуелниот тренер на Лејкерси, а покрај Леброн, во првата петорка настапија Ентони Дејвис (Лос Анџелес Лејкерс), Кавај Леонард (Лос Анџелес Клиперс), Лука Дончиќ (Далас Маверикс) и Џејмс Харден (Хјустон Рокетс).
Резерви на екипата на Леброн Џејмс беа Бен Симонс (Филаделфија Севентисиксерс), Никола Јокиќ (Денвер Нагетс), Џејсон Тејтум (Бостон Слетикс), Крис Пол (Оклахома Сити Тандер), Расел Вестбрук (Хјустон Рокетс) и Доманатас Сабонис (Индијана Пејсерс).
Тренерот на Торонто Репторс, Ник Норс, го водеше тимот на Јанис, а во првата петорка, покрај Јанис Антетокунпо настапија Паскал Сајакем (Торонто Репторс), Џо Ембид (Филаделфија Севентисиксерс), Кемба Вокер (Бостон Селтикс) и Тре Јанг (Атланта Хоукс).
На клупата на тимот на Јанис седеа Крис Мидлтон (Милвоки Бакс), Џими Батлер, Бам Адебајо (Мајами Хит), Донован Мичел, Руди Гоберт (Јута Џез), Кајл Лаури (Торонто Репторс) и Брендон Инграм (Њу Орлеанс Пеликанс).
Овогодишниот Ол-стар натпревар се одигра во поинаков формат со цел да му се оддаде почит на несреќно загинатиот Коби Брајант. Првата четвртина ја доби тимот на Леброн со 53:41, втората четвртина ја доби тимот на Јанис со 51:30, а третата заврши нерешено - 41:41. Така севкупен победник на првите три четвртини со 133:124 беше екипата на Јанис, благодарение на предноста остварена во втората четвртина.
Според претходно договореното правило за последната четвртина, севкупен победник на Ол-стар натпреварот ќе биде екипата која прва ќе успее да постигне 157 поени (133 поени што тимот на Јанис ги постигна на крајот од трите четвртини плус 24 поени во чест на Коби Брајант). Тоа му успеа на тимот на Леброн кој извојува победа од 157:155.
Наградата МВП (најкорисен играч) на НБА Ол-стар натпреварот на која ѝ е дадено името на Коби Брајант, му е доделена на Кавај Леонард со постигнати 30 поени, 7 скока. Ова е за првпат Леонард во својата кариера да ја освојува оваа престижна награда.
Леброн Џејмс кој до овој натпревар со Коби Брајант го делеше рекордот од 16 учества во првата петорка на Ол-стар натпреварите, сега е нов рекордер со 17 стартерски позиции. На овој натпревар Леброн постигна 23 поени, 6 асистенции и 5 скока. Покрај Леонард и Леброн, одлична игра прикажаа Крис Пол со постигнати 23 поени, 6 асистенции, 2 скока, Ентони Дејвис со 20 поени, 9 скока, 1 асистенција и Бен Симонс со 17 поени, 6 скока, 5 асистенции.
Во тимот на Јанис Антетокунпо дури 4 играчи постигнаа дабл-дабл учинок. Јанис имаше перформанс од 25 поени, 11 скока, 4 асистенции, Џо Ембид постигна 22 поени, 10 скока, 1 асистенција, Тре Јанг постигна 10 поени, 10 асистенции, 3 скока и Руди Гоберт - 21 поен, 11 скока, 2 асистенции. Кемба Вокер постигна 23 поени, 2 скока, 2 асистенции.