Dejan Maksimoviç
06 Март 2019•Ажурирај: 07 Март 2019
МАДРИД (AA) - Сантијаго Солари, тренерот на Реал Мадрид, по синоќешниот дебакл во реваншот од осминафиналето од Лигата на шампионите против Ајакс им се извини на навивачите, но и одби можност да поднесе оставка, пренесува Anadolu Agency (AA).
Тимот на Ајакс предводен од Душан Тадиќ го совлада Реал Мадрид на Сантијаго Бернабе и по поразот од 1 : 2 во Амстердам, славеше со 4 : 1, со што се пласираа меѓу осумте најдобри клубови во Европа.
„Ова е навистина болно. Жал ни е поради нашите навивачи, кои на неверојатен начин нè бодреа во тешки моменти. Тажни сме. Вложивме многу напори, но тоа не беше доволно и испаднавме. Беше тоа тажна ноќ. Многу нешта се случуваа на теренот, беше тоа натпревар во кој работите постојано се менуваа. Изнудени измени, удари во рамките на голот, топката не сакаше да влезе во гол, противникот беше „клинички прецизен“, ВАР-системот... Бескрајно многу работи кои мора да се земат предвид“, рече Солари.
И покрај фактот што Реал имаше катастрофални седум дена во текот на кои остана без борбата за трофеј во Ла Лигата, Купот на кралот и Лигата на шампионите, Солари рече дека не помислува на оставка. Во изминатиот период претрпе два тешки пораза на домашен терен од најголемиот ривал Барселона.
„Тука сум да работам и да давам сè од себе. Играчите се тука да дадат сè од себе, за да би биле утре подобри отколку вчера. Ќе продолжиме да тренираме. Сите имаме обврска, мораме да бидеме професионалци и да покажеме дека овој тим има срце. По овој пораз ќе дојдеме на работа и ќе го дадеме најдоброто за клубот“, рече Солари.
Освен Ајакс, синоќа пласман во четвртфиналето од Лигата на шампионите оствари и Тотенхем, кој во двомечот беше подобар од Борусија Дортмунд. Откако славеа со 3 : 0 во Лондон, „петлите“ во реванш-мечот беа подобри со резултат 1 : 0.
По вечерашните дуели Париз Сен-Жермен - Манчестер Јунајтед (прв натпревар 2 : 0) и Порто - Рома (1 : 2) ќе бидат познати уште два учесници во четвртфиналето, а наредната седмица и преостанатите четири.
Ждрепката за паровите во четвртфиналето и полуфиналето од Лигата на шампионите ќе се одржи на 15 март во Нион.