спорт

Северна Македонија одигра 0:0 на гостувањето во Белгија и дојде до значаен бод во квалификациите за СП 2026

- Репрезентацијата на Северна Македонија освои важен бод на гостувањето во Белгија, кој и овозможи по одиграни 6 кола да ја задржи првата позиција на табелата со 12 бода во групата Ј од квалификациите за учество на Светското првенство 2026

Oktaj Omeragikj  | 11.10.2025 - Обновена : 12.10.2025
Северна Македонија одигра 0:0 на гостувањето во Белгија и дојде до значаен бод во квалификациите за СП 2026

СКОПЈЕ (АА) - Репрезентацијата на Северна Македонија одигра нерешено 0:0 на гостувањето во Белгија и освои значаен бод во квалификациите за учество на Светското првенство 2026, известува Анадолу.

Белгија вечерва и беше домаќин на репрезентацијата на Северна Македонија на стадионот „Гент Арена“ во градот Гент. Натпреварот го водеше турскиот судија Умут Мелер.

Уште од самиот почеток селекцијата на Белгија наметна силно темпо и голем притисок на голот на Димитриевски. Се редеа шансите на Белгија, но чуварот на мрежата на репрезентацијата на Северна Македонија и одбраната успеаја да им одолеат на нападите и на полувреме се замина со резултат 0:0.

Второто полувреме започна со исто темпо. Белгија постојано напаѓаше, а селекцијата на Северна Македонија успешно им одолеваше на нападите.

Тренерот на Белгија, Руди Гарсија, се обиде да смени нешто во играта на својот тим менувајќи 5 играчи, кои донесоа мал прогрес, но недоволен за да се затресе мрежата на Северна Македонија и да се промени резултатот.

Голманот Димитриевски беше вистински херој на голот на Северна Македонија кој успешно, со помош на целиот тим, им одолеа на нападите на Белгија и не дозволи да се затресе мрежата. Натпреварот заврши со резултат 0:0.

Репрезентацијата на Северна Македонија освои важен бод на гостувањето во Белгија, кој и овозможи по одиграни 6 кола да ја задржи првата позиција на табелата со 12 бода во групата Ј од квалификациите за учество на Светското првенство 2026. Второпласирана е Белгија со 11 бода и еден натпревар помалку, а на третата позиција е Велс кој на 5 средби освои 10 бода.



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.