спорт

Сè поголем револт во спортскиот свет поради израелскиот геноцид во Газа

Спортскиот свет не остана нем на војната што Израел ја започна против Газа пред повеќе од две години

Fatih Erel  | 10.10.2025 - Обновена : 11.10.2025
 Сè поголем револт во спортскиот свет поради израелскиот геноцид во Газа

ИСТАНБУЛ (АА) – Сè поголем број спортски клубови, спортисти и навивачки групи низ светот реагираат на израелскиот геноцид во Газа, со некои екипи што одбиваат да играат против израелски клубови или ги донираат приходите од натпревари со Израел за хуманитарна помош во енклавата, пишува Анадолу.

Спортскиот свет не остана нем на војната што Израел ја започна против Газа пред повеќе од две години.

Во Турција, федерации, клубови и спортисти гласно го изразуваат своето противење на нападите на Израел.

Во Европа, особено во Шпанија, реакциите против израелските клубови стануваат сè понагласени.

- Светски спортски ѕвезди не молчат за Палестина -

Познати спортски имиња, како Луис Хамилтон, Ерик Кантона и Мохамед Салах, често ја критикуваат израелската агресија и повикуваат политичарите да ги запрат нападите.

Белгискиот фудбалер Дрис Мертенс во јули предупреди дека „Газа е оставена во глад од Израел“.

- Хамилтон: „Не можеме повеќе да молчиме“ -

Седумкратниот шампион во Формула 1, Луис Хамилтон, изјави: „Не можеме повеќе да молчиме“, по убивањето на стотици невини деца во израелските напади.

Тој се повика на податоците на УНИЦЕФ според кои над 100 деца загинале во првата недела од јули поради интензивното бомбардирање на Газа.

Покрај израелските напади, бројот на смртни случаи поради израелската блокада на Појасот Газа се зголемува и поради глад, особено кај децата.

- Кантона со дрес од бегалски камп во знак на поддршка -

Француската фудбалска легенда Ерик Кантона ја изрази својата поддршка за кампањата што ја поддржува тим со седиште на Западниот Брег, окупиран од Израел.

Тој изрази поддршка за тимот „Lajee Celtic Club“ од бегалскиот камп Аида во Витлеем, облечен во нивниот дрес.

Средствата од продажбата на дресовите ќе бидат наменети за помош на палестинските бегалци.

- Салах остро реагираше на објавата на УЕФА по смртта на поранешен палестински репрезентативец -

Ѕвездата на Египет, Мухамед Салах, остро реагираше на објавата на УЕФА по смртта на поранешниот палестински репрезентативец Сулејман ал-Обеид, убиен во израелски напад додека чекал хуманитарна помош.

УЕФА во пораката не спомна како загинал, а Салах праша: „Можете ли да ни кажете каде, како и зошто го загуби својот живот?“

Палестинската фудбалска федерација објави соопштение во кое се вели: „Поранешниот репрезентативец Сулејман ал-Обаид беше убиен за време на напад од страна на окупаторските сили додека чекаше хуманитарна помош во Појасот Газа.“

Ал-Обаид, 41, роден во Газа, оженет и има пет деца, беше една од најсјајните ѕвезди во историјата на палестинскиот фудбал.

- Шпанија презема мерки по реакциите за Израел -

Шпанскиот клуб Барселона одби да му дозволи на израелскиот Хапоел Ерусалим да тренира во нивните објекти пред натпреварот со Бакси Манреса.
Слични реакции имаше и на Канарски Острови, каде што беше побарано одложување на натпреварот Ла Лагуна Тенерифе - Бнеи Херзлија.

Шпанскиот премиер Педро Санчез повика Израел да биде исфрлен од сите меѓународни спортски настани, по примерот со Русија.

Претседателот на баскискиот клуб Бизкаија Герника, Герардо Кандина, изјави: „Целосно сме против бруталниот геноцид во Газа. Нема да учествуваме во оваа измама.“

Баскиските навивачи во Ла Лига натпреварите минатата недела ги исполнија трибините со палестински знамиња и транспаренти „Слободна Палестина“.

- Реакции во други земји -

Палестинската фудбалска федерација повика на суспензија на израелските клубови и спортисти од сите меѓународни натпревари.

Навивачите на шкотскиот Селтик, преку групата Зелена бригада, ја започнаа глобалната кампања „Покажете му на Израел црвен картон“, која обедини навивачи од Шпанија до Чиле, Турција, Италија и Индонезија.

Во Холандија, градскиот совет на Амстердам донесе одлука дека спортските клубови од земји што „придонесуваат кон окупација или расизам“ не се добредојдени.

Германскиот клуб Фортуна Диселдорф го откажа договорот со израелскиот фудбалер Шон Вајсман.

Италијанските навивачи на квалификациски натпревар за СП 2026 ги свртеа грбовите кон теренот за време на интонирањето на израелската химна.

Во Лондон, пред Вембли, демонстранти со палестински знамиња скандираа:

„Исфрлете го Израел од ФИФА“, „Правда за Палестина“ и „Бојкот за Израел“.

- Норвешка ги донира приходите од натпреварот со Израел за Газа -

Фудбалската федерација на Норвешка објави дека целокупниот приход од билетите за квалификацискиот натпревар против Израел ќе биде дониран за хуманитарна помош во Газа.

„Не можеме да останеме рамнодушни на страдањата и непропорционалните напади врз цивилното население“, изјави претседателката Лисе Клавенес.

Клубот Бодо/Глимт, исто така, ги донираше приходите од натпреварот со Макаби Тел Авив во износ од 735.000 норвешки круни (околу 73.000 долари) за Црвениот крст.

- Палестинскиот спорт уништен под опсадата -

Повеќе од 800 спортисти се убиени во Газа од почетокот на израелската офанзива во октомври 2023 година, меѓу нив и над 420 фудбалери, речиси половина од нив деца.

Според Палестинската фудбалска асоцијација, 90% од спортската инфраструктура во Газа е уништена, а 288 спортски објекти се целосно или делумно разурнати – меѓу нив стадиони, сали и фудбалски клубови.

Обединетите нации предупредуваат на масовен глад бидејќи израелската блокада продолжува да го спречува доставувањето храна и хуманитарна помош.

Многу спортисти во Газа се принудени да се борат за преживување наместо за спортски успеси.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın