Dejan Maksimovic
14 Септември 2017•Ажурирај: 15 Септември 2017
МАДРИД (АА) - Актуелниот европски шампион Реал Мадрид го отвори овосезонското издание на Лигата на шампионите со победа 3:0 против кипарскиот АПОЕЛ на Сантијаго Бернабеу. По средбата, двојниот стрелец и официјално најдобар фудбалер на светот, Кристијано Роналдо, изјави дека Лигата на шампионите е натпревар за Реал Мадрид и оти сакаат да го освојат третпат по ред, јавува Anadolu Agency (AA).
„Сѐ уште е долг патот пред нас, одиме натпревар по натпревар. Прво треба успешно да ја поминеме групната фаза. Секако дека сакаме да го освоиме овој турнир. Лигата на шампионите е натпревар за Реал Мадрид и сакаме повторно да го освоиме“, изјави Роналдо.
Поради црвениот картон во Суперкупот на Шпанија, португалскиот фудбалер доби забрана за играње на пет натпревари во домашните мечови, но синоќа се врати на теренот во Лигата на шампионите, која се игра под покровителство на Европската фудбалска федерација (УЕФА).
„Мило ми е што се вратив на теренот. Ова е посебен натпревар и повторното играње и постигнувањето голови е многу важно за мене. Му помогнав на тимот и се чуствувам многу добро. Ова беше натпревар што моравме да го добиеме, бидејќи игравме дома и сакавме успешно да ја отвориме Лигата на шампионите“, нагласи Роналдо за uefa.com.
Стрелец на третиот гол за Реал беше капитенот Серхио Рамос. Кралскиот клуб во вториот круг од групата „H“ ќе гостува кај Борусија Дортмунд, додека АПОЕЛ ќе биде домаќин на Тотенхем Хотспур. Двата натпревара ќе се играат на 26 септември.
Со 12 освоени пехари, Реал е најуспешниот клуб во Лигата на шампионите, или Купот на шампионите, како што порано се нарекуваше овој натпревар.