ПАРИЗ (АА) - Меѓународниот олимписки комитет (IOC) официјално му ја додели честа за домаќин на Олимписките игри во 2024 година на Париз, јавува Anadolu Agency (AA).
Со гласањето во Лима, Перу, беше извршена ратификација на трипартитниот договор, според кој Лос Анџелес ќе биде домаќин на Олимиските игри во 2028 година.
Двата града првично се натпреваруваа да бидат домаќини на Олимпијадата во 2024 година, но Париз победи, додека на Лос Анџелес ќе му бидат дадени уште четири години да се подготви за настанот, според договорот што беше разработен заедно со Меѓународниот олимписки комитет.
Претседателот на Олимпискиот комитет, Томас Бах, ја прокоментира одлуката како победничка за сите три вклучени страни.

„Честитки за Париз 2024 и за Лос Анџелес 2028. Оваа историска двојна распределба е 'вин-вин-вин' ситуација за градот Париз, градот Лос Анџелес и за Меѓународниот олимписки комитет“, рече Бах.
Комитетот за олимписки и параолимписки избор на тимот на Париз 2024 издаде соопштение во кое се вели: „Одлуката е кулминација на двегодишното патување во кое беше видено како тимот на Париз 2024 промовираше прекрасен, иновативен план на игрите“.
Францускиот претседател Емануел Макрон му честиташе на тимот на Комитетот на Париз 2024. „Во следните седум години ние ќе се подготвуваме за овие Олимписки игри, секако, тоа ќе бидат игрите на Париз, но ќе мора да се мобилизира целата земја“, рече тој.
„Ќе мораме да работиме со спортистите, во однос на безбедноста, животната средина и финансиската посветеност. Но овие игри се ваши, оваа победа е ваша и ние ќе се осигураме дека Париз ќе биде домаќин на едни величествени игри“, додаде тој.
- Повторно во Париз по 100 години -
Копретседавачот на тимот Париз 2024, Тони Естуанге, за одлуката истакна дека претставува „прекрасен момент за луѓето од Париз и Франција, а исто така и за Олимпиското движење“.
„Игрите доаѓаат во Париз за првпат по 100 години. Ќе приредиме прекрасна прослава на спортот во срцето на еден од најголемите градови во светот“, рече тој.
Градоначалникот на Париз, Ана Хидалго, исто така, упати честитки и истакна дека тоа е историски момент и победа што ќе биде вистински акцелератор на еколошката транзиција, на создавањето работни места и на солидарноста.„Тие (Олимписките игри) се потврда за позитивната иднина за нашата младина“, рече Хидалго. „Да бидеме горди! Кога Париз ги презема предизвиците на 21. век, цела Франција победува“.
За да се прослави историската одлука, статуата на Олимписките прстени беше подигната на плоштадот Трокадеро, токму пред Ајфелова кула.
Градоначалникот на Лос Анџелес, Ерик Гарчети, изјави дека враќањето на Олимпијадата во Лос Анџелес „дава шанса да замислиме како нашиот град ќе изгледа по една деценија“.
„Лос Анџелес е град во кој Олимписките игри не се пречка за постигнување напредок; знаеме дека тие се забрзувачка сила за повторно 'проектирање' на подобар град и подобар свет во деновите што доаѓаат“.
Париз последен пат беше домаќин на Олимписките игри во 1924 година, а ги изгуби шансите за игрите во 1992, 2008 и 2012 година. За Лос Анџелес, тоа ќе биде третпат да биде домаќин на летните игри по 1932 и 1984 година.
news_share_descriptionsubscription_contact
