Fatih Erel
15 Септември 2021•Ажурирај: 16 Септември 2021
ИСТАНБУЛ (АА) - Фудбалерот на Манчестер Јунајтед, Кристијано Роналдо, го подари дресот на припадничка на обезбедувањето што синоќа за време на загревањето случајно ја погоди со топка пред натпреварот од Лигата на шампионите на УЕФА, а која потоа се онесвести, јавува Агенција Анадолија (АА).
Новата сезона од Лигата на шампионите на УЕФА започна со синоќешните натпревари помеѓу Севиља и Салцбург и Јанг Бојс и Манчестер Јунајтед. „Црвените ѓаволи“ беа поразени од Јанг Бојс со 2:1, откако примија гол во судиското продолжение на натпреварот.
Натпреварот помеѓу Манчестер и Јанг Бојс го одбележа и необична ситуација пред самиот почеток на натпреварот, односно за време на загревањето на фудбалерите.
По еден од шутевите на Роналдо, топката погоди припадничка на обезбедувањето која беше веднаш до теренот. Роналдо веднаш притрча кон неа сакајќи да провери дали е сè во ред. Таа накратко ја загуби свеста, но за среќа немаше поголеми последици.
По завршувањето на натпреварот, Роналдо повторно ѝ пријде на припадничката на обезбедувањето, уште еднаш се извини и ѝ подари дрес. Таа подоцна се фотографираше во неговиот дрес и ја сподели објавата на социјалните мрежи.