Dejan Maksimoviç
16 Август 2016•Ажурирај: 17 Август 2016
РИО ДЕ ЖАНЕИРО (AA) - Почина Стефан Хензе (35), германскиот тренер на кану слаломот, по неколкудневната критична состојба поради сообраќајната несреќа што се случи минатата недела во близина на Олимпискиот парк во Рио де Жанеиро, јавува Anadolu Agency (AA).
Освојувачот на медалот на Олимписките игри 2004 година доби повреди на главата кога такси возилото во кое беше со колега од репрезентацијата, удри во бетонската бариера. Неговиот колега од германскиот кану-тим, Кристијан Каединг доби полесни повреди , а по укажаната соодветна медицинска помош, пуштен е од болница.
Од Олимпискиот комитет на Германија (DOSB), соопштено е дека Хензе починал од повредите на главата. Присутно било и неговото семејство.
„Не е можно со зборови да се опише што чувствуваме во тимот по оваа страшна загуба“, рече Алфонс Хорман, претседателот на германскиот Олимписки комитет“.
Томас Бах, претседателот на Меѓународниот олимписки комитет (IOC), кој исто така е Германец, изјави:
„Меѓународниот олимписки комитет плаче за загубата на искрениот олимпиец“.
Германскиот Олимписки комитет денес ќе одржи комеморација во Олимпиското село во Рио, а од Меѓународниот олимписки комитет побара дозвола знамето на Германија на сите борилишта да биде спуштено на половина копје.
Безбедноста во сообраќајот е една од главните грижи на олимписките тимови од Олимписките игри, бидејќи неколку службени автобуси наменети за превоз на спортистите, тренерите и членовите на делегациите учествувале во сообраќајни несреќи.