ИСТАНБУЛ (АА) - Викендов се одиграа натпреварите во 5-те најпрестижни фудбалски лиги на Европа, Премиер лига (Англија), Ла лига (Шпанија), Серија А (Италија), Бундес лига (Германија) и Лига 1 (Франција), пишува Anadolu Agency (AA).
На врвот од табелата во Англија се наоѓа Ливерпул, во Шпанија Барселона, во Германија Борусија Дортмунд, во Франција Париз Сен Жермен (ПСЖ), а во Италија Јувентус.

- Премиер лига
Екипите на Ливерпул и Челзи, кои целат кон шампионската титула, во 10-тото коло на Премиер лигата извојуваа високи победи.
Ливерпул го совлада Кардиф Сити со 4 : 1, а Челзи на гости го совлада Барнли со резултат 0 : 4.
Манчестер Јунајтед на домашен терен го совлада Евертон со 2 : 1, додека Арсенал на гостински терен против Кристал Палас одигра нерешено 2 : 2.
По 10. коло во Премиер лигата, Ливерпул се наоѓа на врвот, и со 26 поени и со натпревар повеќе го презеде водството од Манчестер Сити. Следува Челзи со 24 поени, а Манчестер Сити е на третата позиција, со 23 поени и натпревар помалку. Следуваат Арсенал со 22 и Тотенхем со 21 поен.
Дербито во 10. коло во Премиер лигата се игра вечерва. Се среќаваат Тотенхем и Манчестер Сити.
- Ла лига
Викендов се одигра и 10. коло во шпанската Ла лига. Ова коло го одбележа дербито „ел класико“ меѓу Барселона и Реал Мадрид. Барселона на домашен терен извојува убедлива победа од 5 : 1 над Реал.
Едно од изненадувањата на сезоната е екипата на Депортиво Алавес. Алавес како домаќин го совлада Вилареал со 2 : 1, останувајќи на втората позиција во шпанската Ла лига.
Екипите на Севиља и Атлетико Мадрид извојуваа победа на домашен терен и ги зазедоа третата и четвртата позиција во лигата. Севиља ја совлада Уеска со резултат 2 : 1, додека Атлетико Мадрид беше подобар од Реал Сосиедад со резултат 2 : 0.
По оваа победа, Барселона се наоѓа на врвот во шпанската Ла лига со 21 поен. Следува Алавес со 20 поени, Севиља и Атлетико Мадрид имаат по 19 поени, додека Еспањол има 18 поени. Реал Мадрид со 14 поени се наоѓа на 9. позиција.
- Серија А
Екипата на Јувентус, која последните 7 години е шампион на Италија, на гости ја совлада екипата на Емполи со резултат 1 : 2.
Наполи на домашен терен одигра нерешено против Рома 1 : 1.
Милан ја совлада Сампдорија со 3 : 2, додека дербито меѓу Лацио и Интер кои се на врвот на табелата, ќе се одигра вечерва.
По 10. коло од италијанската Серија А, на врвот се наоѓа Јувентус со 28 поени, следува Наполи со 22, на третата позиција е Интер со 19 поени, додека Лацио има 18 поени.
- Бундес лига
Борусија Дортмунд, која е единствена непоразена екипа во Бундес лигата, на домашен терен одигра нерешено против Херта Берлин 2 : 2.
Баерн Минхен на гостински терен го совлада Мајнц со 1 : 2 и остана на врвот од табелата.
Фрајбург на домашен терен ја совлада екипата на Борусија Менхенгладбах со 3 : 1.
Натпреварот што изобилуваше со погодоци се одигра меѓу Баер Леверкузен и Вердер Бремен. Баер Леверкузен на гостински терен извојува победа од 2 : 6.
Шалке 04 на гости против Лајпциг одигра нерешено 0 : 0.
По 9. коло во Бундес лигата, на лидерската позиција се наоѓа Борусија Дортмунд со 21 поен, второпласиран е Баерн Минхен со 19, додека на третата позиција се наоѓаат Вердер Бремен и Борусија Менхенгладбах со 17 поени.
- Лига 1
Лидерот ПСЖ, како гостин го совлада Олимпик Марсеј со 0 : 2, и постигна 11 победи во 11 натпревари.
Со оваа победа, ПСЖ се изедначи со рекордот на европските лиги кој во сезоната 1960/61 го постигна Тотенхем, кој исто така имаше остварено 11 победи во првите 11 кола.
Лил на домашен терен го совлада Кан со 1 : 0. Монпеље како гостин го совлада Тулуз со 0 : 3, а Олимпик Лион на гостински терен против Анже извојува победа од 1 : 2.
Викендов се одигра 11. коло во француската Лига 1, по што ПСЖ се наоѓа на врвот од табелата со максимални 33 поени. Следува Лил со 25, на третата позиција е Монпеље со 22, па по него се Олимпик Лион со 20 и Олимпик Марсеј со 19 поени.