Ahmet Gürhan Kartal
29 Октомври 2018•Ажурирај: 30 Октомври 2018
ЛОНДОН (АА) - Англискиот фудбалски клуб „Лестер Сити“ доцна синоќа потврди дека во хеликоптерската несреќа што се случи во саботата навечер починал сопственикот на клубот, Вичаи Сриваданапраба, пренесува Anadolu Agency (AА).
По натпреварот што се одигра во саботата навечер меѓу Лестер Сити и Вест Хем, недалеку од стадионот „King Power“ се урна хеликоптерот на тајванскиот милијардер.
„Со длабока тага и болка потврдуваме дека Вичаи Сриваданапраба, претседателот на нашиот клуб е еден од петтемина загинати во хеликоптерската несреќа што се случи во саботата“, се вели во соопштението на Управата на клубот „Лестер Сити“.
Вичаи Сриваданапраба беше познат по тоа што на сите натпревари на клубот пристигнуваше со хеликоптер, но Управата на клубот и полицијата дури синоќа го потврдија идентитетот на настраданите во несреќата.
„Светот изгуби извонреден човек. Беше љубезна и великодушна личност, која животот им го посвети на семејството и на луѓето што ги сакаше и ги водеше“, се додава во соопштението.
Бизнисменот Сриваданапраба, со потекло од Тајланд, пред 10 години го купи Лестер Сити за 50 милиони долари, кој пред 2 години, на општо изненадување на фудбалската јавност, ја освои и титулата првак на Англија.