Dejan Maksimovic
18 Октомври 2017•Ажурирај: 18 Октомври 2017
ЛОНДОН (АА) - Раководството на Лестер Сити донесе одлука да го отпушти менаџерот Грег Шекспир по одиграни цели осум круга во Премиер лигата оваа сезона, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Лисиците“ се наоѓаат на 18. место, со шест поени, и не победија на последните шест натпревари од првенството. Шекспир во февруари оваа година го наследи Клаудио Раниери, кому по низа лоши резултати не му помогна ни тоа што во претходната сезона оствари го најголемиот клупски успех во историјата, со освојувајњето на титулата шампион на Англија. Затоа, отпуштањето за Шекспир не претставува никакво изненадување.
„Шекспир одлично служеше во Лестер Сити, прво како помошен тренер, а потоа и како менаџер од февруари, во многу тешки околности. Неговата посветеност и работа беа одлични, и придонесот што тој го даде во најуспешниот период во историјата на Лестер Сити беше огромен. Меѓутоа, во последните месеци стана очигледно дека ни е неопходна промена за да тргнеме напред, што го почувствува и Управниот одбор на клубот. Шекспир ќе остане многу почитувана и популарна личност во Лестер Сити и секогаш е добредојден на стадионот 'King Power'“, изјави Аијават Шреваданапраба, потпретседателот на „лисиците“, и додаде дека клубот веднаш ќе тргне во потрага по нов менаџер.
До именувањето на наследникот на Шекспир, екипата ќе ја води Мајкл Еплтон.
Лестер ја оствари единствената победа оваа сезона во Премиер лигата уште во вториот круг, против Брајтон, на домашен терен. Поразен е од Арсенал, Манчестер Јунајтед, Челзи и од Ливерпул, а реми изигра со Хадерсфилд, Борнмут и со Вест Бромвич албион.