Mutlu Demirtaştan
28 Јуни 2018•Ажурирај: 28 Јуни 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - Во 14. ден од Светското фудбалско првенство 2018 во Русија се одиграа 4 натпревари кои донесоа многу изненадувања, пишува Anadolu Agency (AA).

Во групата Е се сретнаа Србија - Бразил. Бразил со погодоците на Паулињо во 36. и Тиаго Силва во 68. минута извојува победа од 2:0.
На вториот натпревар од групата Е, Швајцарија одигра нерешено 2:2 против Костарика. Швајцарија поведе 1:0 со погодокот на Блерим Џемаили во 31. минута, а Кендал Вастон изедначи на 1:1 во 56. минута. Во 88. минута од натпреварот Јосип Дрмиќ ѝ донесе повторно водство на Швајцарија од 2:1. Во судиското продолжение беше досуден удар од 11 метри за репрезентацијата на Костарика. Брајан Руиз, изведувајќи го ударот, ја погоди стативата, а одбиената топка го погоди швајцарскиот чувар на мрежата, Јен Сомер, во грбот и се стркала во мрежата, со што го запиша во листата фудбалери кои постигнале автогол.
По овие резутати, Бразил како лидер во групата Е со 7 поени и Швајцарија со 5 поени како второпласирана преминаа во наредната фаза на СП Русија 2018, додека Србија со 3 и Костарика со 1 поен се елиминирани.
- Шведска прва, Мексико втор -
Во групата Ф Шведска го совлада Мексико со резултат 3:0, додека последниот светски шампион, Германија, загуби од Јужна Кореја со резутлат 2:0.
Погодоците за победата над Мексико ги постигнаа Лудвиг Аугустинсон во 50. минута, Андреас Гранквист во 62. со удар од 11 метри, а третиот погодок беше автогол на Мексиканецот Едсон Алварез во 74. минута од натпреварот.
Двата погодоци на Јужна Кореја против досегашниот светски шампион Германија се постигнати во судиското продолжение. Ј. Кореја поведе 1:0 со погодокот на Ким Јун Гвон во 90+2 минута, а победата од 2:0 ја донесе Сон Хеунг Мин, кој ја испрати топката во празната мрежа на Германија во 90+6 минута, откако германскиот голман Мануел Нојер во последните минути од натпреварот остана на половината на Ј. Кореја.
Во групата Ф репрезентациите на Шведска и Мексико имаат по 6 поени, но поради подобриот скор во меѓусебниот дуел и подобрата гол разлика, Шведска е првопласирана, а Мексико второпласиран. Репрезентациите на Јужна Кореја и Германија со по 3 освоени поени се збогуваа од СП Русија 2018.
Ова е првпат светскиот шампион Германија да биде елиминиран уште во групната фаза на светското првенство. Германската репрезентација на Светското првенство во Франција 1938 на кое учествуваа 16 екипи и се организираше на база на елиминации испадна во првиот круг.
Мексиканскиот репрезентативец Хесус Гаљардо во натпреварот против Шведска, со добивањето жолт картон во 13. секунда од натпреварот, стана играч кој на Светските првенства најрано освоил жолт картон.
- Неуспех на репрезентациите кои на претходното првенство ја освоиле титулата -
На четири од последните пет светски првенства, репрезентациите што ја носеа титулата светски шампион не успеаја да ја преминат групната фаза.
Таква несреќа имаа репрезентацијата на Франција на Светското првенство во 2002 година, потоа Италија во 2010, Шпанија во 2014 и Германија на последното првенство во Русија 2018 година, кои не успеаја да ја минат првата фаза.
Единствено Бразил како светски шампион од 2002 година, успеа во 2006 да премине во втората фаза.
- Табели -
Група Е:
| Репрезентација | Н | П | Н | П | П | П | Р | Поени |
|---|
| Бразил | 3 | 2 | 1 | 0 | 5 | 1 | +4 | 7 |
| Швајцарија | 3 | 1 | 2 | 0 | 5 | 4 | +1 | 5 |
| Србија | 3 | 1 | 0 | 2 | 2 | 4 | -2 | 3 |
| Костарика | 3 | 0 | 1 | 2 | 2 | 5 | -3 | 1 |
Група Ф:
| Репрезентација | Н | П | Н | П | П | П | Р | Поени |
|---|
| Шведска | 3 | 2 | 0 | 1 | 5 | 2 | +3 | 6 |
| Мексико | 3 | 2 | 0 | 1 | 3 | 4 | -1 | 6 |
| Јужна Кореја | 3 | 1 | 0 | 2 | 3 | 3 | 0 | 3 |
| Германија | 3 | 1 | 0 | 2 | 2 | 4 | -2 | 3 |
- Натпревари од осминафиналето -
По последните натпревари од групите Е и Ф и според клучот на одигрување на натпреварите Е1-Ф2 и Е2-Ф1, познати се уште два пара од осминафиналето на СП Русија 2018.
На 2 јули Бразил ќе игра против Мексико, додека на 3 јули се среќаваат Шведска и Швајцарија.
- Денеска на програмата -
Денеска, 28 јуни, четврток, на програмата на Светското фудбалско првенство Русија 2018 се натпреварите во групите Г и Х, со што завршува натпреварувањето по групи.
Група Х:
16:00 Јапонија - Полска (стадион „Волгоград арена“ - Волгоград)
16:00 Сенегал - Колумбија (стадион „Космос“ - Самара)
Група Г:
20:00 Панама - Тунис (стадион „Мордовија“ - Саранск)
20:00 Англија - Белгија (стадион „Калининград“ - Калининград)
Во групата Г Англија и Белгија се сигурни патници во осминафиналето на СП Русија 2018, додека во групата Х постојат повеќе опции за тоа која репрезентација ќе се пласира во осминафиналето, освен Полска која е на дното на табелата без освоен поен.
