Elvir Hocic
14 Август 2017•Ажурирај: 15 Август 2017
САРАЕВО (АА) - Љубителите на фудбалот на денешен ден во 2002 година за првпат имаа можност во официјална игра да го видат Кристијано Роналдо, кој набрзо стана еден од најдобрите светски играчи и без кој денес би било тешко да се замисли елитната фудбалска сцена во Европа и во светот, јавува Anadolu Agency (AA).
Спортинг од Лисабон пред точно деценија и пол играше натпревар од претколото на Лигата на шампионите против италијанскиот Интер, а тоа беше вечер кога публиката го запозна еден од најдобрите играчи на светот, Роналдо, кој како 17-годишно момче за првпат заигра во официјален меч за португалскиот тим.
Службениот портал на Европската куќа на фудбалот UEFA.com денес го објави разговорот со португалскиот спортски новинар и уредник Педро Маркез, кој меѓу првите ги препозна потенцијалите на Роналдо и ја најави неговата голема кариера.
„Тоа беше време кога Спортинг ја славеше титулата на португалски првак, а во тешки услови проследени со повреди на играчите се подготвуваше за квалификација за групната фаза од Лигата на шампионите против Интер. За време на тие подготовки, Роналдо како тинејџер доби можност да заигра во пријателски мечеви. Вниманието го привече со голот и настапот против Бетис, но го забележаа тоа само оние што беа добро упатени, не и пошироката маса“, изјави Маркез.
Роналдо против Интер влезе во 60. минута од мечот и тремата поради првиот настап во официјален натпревар веројатно го спречи да го направи настапот позабележителен.
Токму новинарот Маркез беше тој што подоцна напиша: „Забележете го името на ова момче, брз е и вешт со топката, одлично проигрува и секогаш едното око му е на противничкиот гол“.
На прашањето дали и тогаш било големо влијанието на младиот Кристијано, Маркез се присети дека тогаш многу се зборувало за еден Роналдо, но оној постариот, Бразилецот од Интер кој не настапувал поради повреди.
„Се сеќавам кога влегуваше на теренот, кога постар човек покрај мене на пријателот му рече дека тоа е тоа момче за кое му велел ќе биде најдобар играч на светот. За него не зборуваа масите, но гледате дека имаше луѓе кои тоа го предвидуваа”, изјави Маркез.
Една година подоцна, Роналдо премина во Манчестер Јунајтед и дебитираше за португалската репрезентација. Круна на кариерата беше преминот во Реал Мадрид во 2009 година, во кој и денес настапува на највисоко ниво.