Bakir Tiro
31 Март 2020•Ажурирај: 01 Април 2020
ЛОНДОН (АА) - Премиер лигата во фудбал на Англија ќе продолжи на почетокот на мај, за да не продолжи загубата од ТВ-правата во износ од 762 милиони фунти, пишува денес „Дејли мејл“ (Daily Mail), пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според предлогот на сите 20 клуба, поради пандемијата на коронавирусот натпреварите треба да се играат пред празни трибини, а сезоната би завршила на 12 јули.
Меѓутоа, одлуката за предлогот на клубовите треба да биде одобрена од Владата, Министерството за здравство и Асоцијацијата на професионални фудбалери на Англија.
Договорот за ТВ-правата, вреден дури 3 милијарди фунти годишно за тековната сезона, истекува на 31 јули, а од 1 август на сила стапува договорот за сезоната 2020/2021.
Како што пишува „Дејли меjл“, во договорот со ТВ-куќите пишува дека крајниот рок за завршување на сезоната е 16 јули, и дека доколку не се заврши до тогаш, носителите на правата би можеле да бараат 762 милиони фунти.