Zülfiya Yakup
15 Мај 2016•Ажурирај: 16 Мај 2016
ПРИШТИНА (АА) - Победник на 16-от Меѓународен полумаратон „Приштина 2016” и оваа година е Кениец, Џоел Маина Манги, кој патеката долга 21 километар ја истрча за 1 час 5 минути и 9 секудни. Прва жена во конкуренција е Бивот Гладис Јепкуруј со време од еден час 16 минути и 30 секунди, исто така од Кенија, јавува Anadolu Agency (AA).
Во машка конкуренција второ и трето место зедоа Кенијците Ханри Кембол и Виклиф Кипкорири Бивот, додека во женска конкуренција, второ и трето место зедоа Хелен Џепкосеџ од Кенија и Хелен Човге од Унгарија.
Оваа година на полумаратонот учествуваа преку 1.600 натпреварувачи, кои освен на 21 километар за сениори и ветерани, се натпреваруваа и на 5 километри, како и на 2 километри за лица со ограничени способности и за деца. Вкупниот награден фонд на овогодинешниот полумаратон е 13.000 евра, додека наградата за прво место и за машки и женски во категорија сениори изнесува 1.200 евра. Помеѓу натпреварувачите имаше и познати личности од светот на политиката како министерот Арбан Абраши, лидерот на Алијансата за иднина на Косово, Рамуш Харадинај и градоначалникот на општината Џаковица, Мимоза Кусари Лила.
Победникот, Џоел Маина Манги во изјавата за АА рече дека е горд што го одбранил првото место, при што не било воопшто лесно.
„Горд сум што повторно победив и се надевам дека ќе дојдам и наредната година. Луѓето во Приштина се прекрасни, ги сакам, тие не мотириваат и горд сум што сум во Приштина”, истакна Манги.
И Драгољуб Копривица, репрезентативецот на Црна Гора, го одбрани првото место, но во категорија ветерани.
„Успеав да ја одбранам титулата во силната конкуренција, дури одев подобро околу минута и 15 секудни отколку минатата година, со тоа што оваа година временските услови се подобри, не беше многу топло што е посебно поволно за нас тркачите”, изјави Копривица.
Во Приштина денес престојува и Дубромир Карамаринов, потпретседателот на Европската атлетска федерација и претседалетот на Балканската атлетска федерација.
„За прв пат сум во Приштина и навистина сум импресиониран со она што го гледам, а овогодинешниот маратон е многу важен бидејќи ова е прв наптревар по приемот на Косово во Европската атлетска федерација во октомври минатата година” , истакна Карамаринов.
Претседателот на Атлетскиот сојуз на Косово, Халил Сулејмани, истакна дека мотото на полумаратонот е да се трча за мир и толеранција, и дека сите граѓани го дале својот придонес за овој маратон да биде толку масовен.
Традиционалниот полумаратон во Приштина го организираат Атлетскиот сојуз на Косово, Министерството за култура, млади и спорт и општина Приштина.