Corey Blackman
03 Април 2017•Ажурирај: 04 Април 2017
ЕКВАДОР (АА) - Кандидатот на владејачката левичарска партија, Ленин Морено, победи на вчерашните претседателски избори во Еквадор, јавува Anadolu Agency (AA).
Според првичните резултати, по 94 отсто од преброените гласови, Морено освои 51 отсто од гласовите, додека неговиот противкандидат, банкарот Гиљермо Ласо освои 49 проценти.
„Благодарност до милионите гласачи кои нѐ поддржаа. Ова е победа на демократијата, ова е победа на Еквадор“, изјави Морено на „Твитер“.
Речиси 13 милиони гласачи вчера гласаа на изборите за нов претседател на Еквадор, кој на таа функција ќе го замени Рафаел Кореа, кој е на власт од 2006 година.
Морено во текот на изборната кампања најави продолжување на реформите и на проектите што ги започна претходната администрација.
Поранешниот заменик-претседател и специјален пратеник на Обединетите нации, Морено, е 63-годишник кој пред две децении преживеа обид за убиство, при што беше тешко ранет и остана неподвижен.
Морено официјално треба да стапи на функцијата како нов претседател на Еквадор, на церемонијата закажана за 24 мај.