Dejan Maksimovic
17 Август 2017•Ажурирај: 17 Август 2017
МАДРИД (АА) - Реал Мадрид веќе стигна до својот втор трофеј во новата сезона. По Супер Купот на Европа „кралскиот“ клуб го освои истото национално натпреварување совладувајќи го двапати најголемиот ривал Барселона, прво со 3:1 на Камп Ноу, а потоа и синоќа со 2:0 на Сантијаго Бернабеу. По синоќешниот дуел, Жерард Пике, дефанзивецот на „Барса“, изјави дека неговиот тим против Реал Мадрид бил инфериорен, пренесува Anadolu Agency (AA).
Реал во реванш натпреварот од Супер Купот на Шпанија беше лишен од услугите на Кристијано Роналдо, кој ја помина својата прва, од петте натпревари казна која ја доби по црвениот картон во Барселона. Зинедин Зидан средбата ја започна со Герет Бејл и Иско на клупата. Но ниту тоа не му помогна на каталонскиот клуб сериозно да му се спротивстави на Реал.
„Бевме инфериорни во однос на Реал. Не бевме во најдобриот момент ни како тим, ниту како клуб. Ова е долг процес и има уште многу простор за подобрување. Важно е да ги собереме нашите редови и да се свртиме кон продолжението на сезоната“, изјави Пике за шпанските медиуми.
Очигледно, заминувањето на Нејмар во Пари Сен Жермен остави белег врз тимот на Барселона, барем во воведниот дел од сезоната. Затоа, „Барса“ е во потрага по засилување, што го потврди синоќа и Пеп Сегура, генералниот директор на клубот.
„Разговараме со Ливерпул со цел да постигнеме договор околу Филипе Кутињо, но не знаеме кога овој процес ќе биде завршен. Свесни сме дека мора да го зајакнеме овој тим и да работиме на тоа. Сакаме да му помогнеме на нашиот тим“, рече Сегура, и додаде дека се надева оти наскоро ќе завршат преговорите не само поврзани за Кутињо, туку и за Усман Дембеле од Борусија Дортмунд.
Сезоната во шпанската Ла Лига започнува на 18 август. И Реал и Барселона натпреварите од првото коло ќе ги играат два дена подоцна, во недела. „Барса“ ќе биде домаќин на Бетис, а „кралскиот клуб“ ќе му гостува на Депортиво во Ла Коруња.