Admir Fazlagic
16 Август 2017•Ажурирај: 17 Август 2017
СКОПЈЕ (АА) - Фудбалскиот клуб „Вардар" од Скопје вечерва одржа прес конференција по повод утрешниот натпревар во Лигата на Европа против турскиот клуб „Фенербахче" при што ги искажа очекувањата од утрешниот натпревар и го промовираше новиот шеф на стручниот штаб на клубот Чедомир Јаневски, јавува Anadolu Agency (AA).
Откако досегашниот тренер на „Вардар", Гоце Седлоски вчера соопшти дека дава оставка раководството на овој тим реагираше и го договори 56-годишниот Чедомир Јаневски.
Од управата на „Вардар" изразија надеж дека со новиот тренер ќе остварат голем напредок во играта и посочија оти се надеваат дека ноивот тренер Јаневски е идеална замена за досегашниот тренер Седлоски.
Во своето обраќање до новинарите Јаневски упати благодарност до управата на „Вардар" за можноста, како што рече, да се врати во клубот кадешто ја направил најголемата афирмација. Тој изрази надеж дека заедно со стручниот штаб и со фудбалерите ќе продолжат да придонесуваат, не само за „Вардар", туку и за македонскиот фудбал воопшто, како и дека ќе вложат максимални напори што подобро да се претстават на европската сцена.
Во однос на новонастаната состојба во клубот и подготовките за натпреварот со „Фенербахче", Јаневски посочи дека вчера го одржал првиот тренинг со фудбалерите, како и дека нема многу време за подготвки за престојниот натпревар. Според него, во екипата на „Вардар" нема значителни промени во играта, го познава играчкиот кадар и нивните квалитети и изрази уверување дека Вардар ќе прикаже добра игра.
„Играме дома и ќе дадеме се од себе, иако ги респректираме противниците, ова е уникатна шанса за Вардар да напише историја и да се натпреварува во групна фаза.Ќе треба многу мудрост, концентрација, напор и труд за да се надигра овој тим од Турција", истакна Јаневски говорејќи за очекувањата од утрешниот натпревар.
Капитенот на Вардар, Бобан Грнчаров, рече дека „црвено-црните", во мечот со „Фенербахче" утре ќе имаат голема шанса да осварат успех во натпреварувањето за Лигата на Европа и во таа прилика ја пофали екипата на гостинскиот тим од Турција.
„Утре добиваме втора шанса. Фенербахче е најдобра екипа која гостува во Скопје во последните неколку години. Имаат добри индивидуалци. Играме и ние добро. Се надеваме на трета победа за нас. Градски ќе биде преполн, и се надевам на успех", изјави Грнчаров.
Денеска во Скопје пристигнаа фудбалерите на турскиот клуб „Фенербахче", кои претходно одржаа прес конференција на која ги искажаа очекувањата од утрешниот натпревар а потоа одржаа и тренинг. Натпреварот ќе се игра на националната арена „Филип Втори" во Скопје.