Erkan Tiryaki
17 Август 2016•Ажурирај: 18 Август 2016
ИСТАНБУЛ (AA) – Холандскиот фудбалски експерт Дик Адвокат потпиша денес едногодишен договор со турскиот великан Фенербахче и на навивачите им вети дека од тимот кој веќе има добар играчки кадар, ќе го направи подобра и поефикасна екипа, јавува Anadolu Agency (AA).
Потпишувањето на договорот и официјалното претставување на Адвокат како нов шеф на стручниот штаб на Фенербахче приредено е на стадионот Улкер, каде што присуствуваа и генералниот секретар на истанбулскиот тим Махмут Услу и заменик-претседателите на клубот.
Адвокат во таа прилика им се обрати на новинарите, а во негова придружба на истанбулскиот стадион беа неговиот помошник Кор Пот и членовите на семејството.
„Исклучително сум среќен што сум тука во Фенербахче. Гледајќи на резултатите во изминатите години овој тим освојуваше титули или беше вицепрвак, што зборува дека има добар играчки кадар. На нас е само да го направиме подобар, поорганизирана и поефикасна екипа. Мораме да направиме разлика во однос на ривалите Галатасарај и Бешикташ", рече Адвокат и додаде дека од ограчите очекува да бидат борбени на фудбалскиот терен.
Зборувајќи за тактиката на играта која ја планира во Фенербахче, Адвокат рече дека преферира систем 4-3-3, но дека системот на играта зависи од играчите и дека не бега ни од тоа да се врати на класичната формација 4-4-2 доолку тоа повеќе би им одговарало на играчите.
„Веќе утре играме плеј-оф за пласман во групата фаза во Европа лигата против швајцарскиот Грасхоперс и ќе играме во формација 4-3-3. Не е тоа никакво изложување на ризик. Имаме офанзивен тим на кој тој систем му одговара. Системот на играта мораме да го воспоставиме, а тоа ќе го направиме веќе во првиот настап", порача Адвокат.
Адвокат во Фенербахче дојде откако клубот пред два дена го раскина договорот со португалскиот фудбалски експерт Витор Пиреир кој во клубот дојде во јуни оваа година.