Admir Fazlagic
30 Септември 2016•Ажурирај: 01 Октомври 2016
СКОПЈЕ (АА) - Турскиот кошаркарски клуб Фенербахче вечерва го победи КК Работнички, на пријателскиот натпревар по повод јубилејот 70 години од постоењето на скопскиот клуб Работнички. Конечниот резултат Работнички-Фенербахче беше 60:92, јавува Anadolu Agency (AA).
Македонскиот репрезентативец Перо Антиќ, кој игра во редовите на турскиот Фенербахче, на прес-конференцијата по натпреварот изрази благодарност до управата на Работнички за поканата за прославувањето на јубилејот во неговиот прв матичен клуб.
„Жељко Обрадовиќ настојуваше да се дојде и да се испочитува овој голем јубилеј", изјави Антиќ.
Најтрофејниот европски тренер, воедно и тренер на Фенербахче, Жељко Обрадовиќ, изрази задоволство што неговиот тим имаше можност да игра на прославата на еден клуб каков што е Работнички.
„Задоволство е што имавме можност да играме на прославата на клуб како Работнички. Благодарност за гостопримството, благодарност за поканата да бидеме дел од прославувањето на јубилејот на Работнички", изјави Обрадовиќ, посакувајќи многу успех за тимот од „Градски парк".
Капитенот на Работнички, Димитар Мираковски, изрази благодарност до Перо Антиќ и тимот на турскиот Фенербахче, што направија како што рече „овој момент да биде поголем".
Марин Докузовски, тренерот на Работнички, по натпреварот само го потврди она што го рече и во претходните изјави, односно задоволството што по повод големиот јубилеј на клубот им гостува кошаркарски клуб како Фенербахче.
На новинарско прашање упатено до македонскиот репрезентативец кој игра за тимот на Фенербахче, Перо Антиќ, дали би сакал повторно да заигра во Работнички, тимот каде што ја почнал кариерата, тој одговори дека има голема желба.
„Секој играч сака да заврши во домашното првенство. Ми фали да се игра дома, тоа е моја желба, но ќе видиме", рече Антиќ.
Пред самиот почеток на натпреварот, на познатиот македонски кошаркар Перо Антиќ, кој игра во редовите на турскиот кошаркарски клуб Фенербахче, од страна на Работнички му беше доделен дресот на овој клуб, каде што Антиќ ја започна својата кошаркарска кариера.
Во првиот дел од играта во редовите на Работнички влезе играчот Тодор Гечевски, кој долгогодишната кошаркарска кариера ја завршува токму вечерва, на јубилејниот натпревар. И домашните и гостинските навивачи со аплауз го поздравија неговото влегување во игра.
Инаку, последен пат Работнички и Фенербахче играа во ФИБА Европа лигата, во сезоната 2004/2005 година. Тогаш турскиот тим славеше двапати.