Admir Fazlagic
29 Септември 2016•Ажурирај: 30 Септември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Во врска со утрешниот кошаркарски натпревар меѓу Работнички и Фенербахче во Скопје, по повод 70 години од постоењето на кошаркарскиот клуб Работнички, управата на клубот и дел од играчите одржаа прес-конфреренција на која информираа за деталите околу натпреварот, но и организацијата на големиот јубилеј на клубот, јавува Anadolu Agency (AA).
За Марин Докузовски, тренерот на кошаркарскиот клуб Работнички од Скопје, нема поголема чест од тоа по повод големиот јубилеј за гостинска екипа да го имаат Фенербахче.
„Нема поголема чест за мене како тренер, на 70. роденден да ти дојде ваков гостин како Фенербахче, не треба да се зборува повеќе за тоа кои се и што се. Ние долго време зборувавме и се подготвувавме за овој јубилеј, а според бројот на продадените билети, околу 7.000, салата ќе биде исполнета до последното место. Ваков меч досега не се случил во Македонија. Многу ретко е да ви дојдат вакви ѕвезди како Фенербахче. Плус, ако се земе предвид дека за две недели им почнува Евролигата. Јас очекувам и сум сигурен дека овој меч ќе биде празник на кошарката“, изјави тренерот на работнички, Докузовски.
Кошаркарот на Работнички, Владо Илиевски, изјави дека е големо задоволството да се биде дел од ваков јубилеј и да се игра со успешен кошаркарски тим како турскиот Фенербахче.
„Чест и задоволство ми е што ќе бидам дел од овој дуел, и заедно со Работнички, кој ќе го прослави својот богат јубилеј. Овој дуел со Фенербахче е само шлаг на тортата. Македонија и клубовите заслужуваат вакви дуели за постигнување на квалитетот“, истакна Илиевски.
Капитенот на Работнички, Димитар Мираковски, и играчот Тодор Гечевски исто така во своите изјави го потврдија генералниот став на клубот, а тоа е дека е големо задоволството да се игра со Фенербахче, посакувајќи во иднина во Скопје да гостуваат и други успешни кошаркарски клубови.
Говорејќи околу деталите за јубилејниот натпревар со Фенербахче, претседателот на кошаркарскиот клуб Работнички, Ристо Гапиќ, информираше дека на крајот на натпреварот ќе игра и Тодор Гечевски, кој одлучи со овој натпревар да стави крај на кошаркарската кариера. Исто така, Гапиќ информираше дека на полувремето ќе има дел за Специјалната олимпијада, а на крајот ќе има и гости на теренот. Во однос на резултатот, Гапиќ истакна дека клубот нема притисок бидејќи се работи за ревијален натпревар.
„Во изборот за тоа кој клуб да биде гостин, морам да му се заблагодарам на Перо Антиќ, без кого ова речиси немаше да биде реализирано. Како клуб, немаме притисок за резултатот. Тука сме за да гледаме добра кошарка. Во план е уште еден нaстан каде што ќе им се оддаде чест на сите што биле дел од Работнички во изминатите неколку години. Од играчи, до тренери, до администрација. Со душа го чекаме и тој момент кога Работнички ќе им каже благодарам на сите“, изјави Гапиќ.
Најтрофејниот кошаркарски клуб Работнички утре, во 19.00 часот ќе ја започне првата етапа од прославата на јубилејот од 70-годишното постоење.