Dejan Maksimoviç
17 Август 2017•Ажурирај: 19 Август 2017
ЦИРИХ (АА) - Светската фудбалска федерација (ФИФА) ги објави имињата на 12 тренери кои се во игра за освојување на наградата наменета за најдобриот стратег во 2017 година, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во игра за престижното признание на ФИФА останаа: Масимилијано Алегри (Италија, Јувентус), Карло Анчелоти (Италија, Баерн Минхен), Антонио Конте (Италија, Челзи), Луис Енрике (Шпанија, Барселона), Јосеп Пеп Гвардиола (Шпанија, Манчестер Сити), Леонардо Жардим (Португалија, Монако), Јоаким Лев (Германија, репрезентацијата на Германија), Жозе Мурињо (Португалија, Манчестер Јунајтед), Маурисио Покетино (Аргентина, Тотенхем), Диего Симеоне (Аргентина, Атлетико Мадрид), Тите ( Бразил, репрезентацијата на Бразил) и Зинедин Зидан (Франција, Реал Мадрид).
Италија на листата има најмногу тренери, дури тројца, а следат Шпанија, Аргентина и Португалија со по двајца. По еден претставник имаат Германија, Франција и Бразил.
За победникот ќе одлучат селекторите и капитените на фудбалските репрезентации, избраните претставници на медиумите и навивачите преку јавно гласање, кое почнува на 21 август, а ќе заврши на 7 септември.
Минатата година наградата ја доби Клаудио Раниери, тогаш тренер на Лестер Сити, со кој ја освои титулата шампион на Англија. Овогодинешниот победник ќе го прими признанието на свечена церемонија на 23 октомври во Лондон.