Ahmet Furkan Mercan
22 Јули 2021•Ажурирај: 23 Јули 2021
ТОКИО (АА) - Лидери на 15 земји и меѓународни организации ќе присуствуваат на церемонијата на отворање на Олимписките игри во Токио, што ќе започнат утре, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Генералниот секретар на јапонската Влада, Като Катсунобу, на прес-конференција даде изјава во врска со лидерите кои ќе дојдат во неговата земја во рамките на Олимписките игри Токио 2020 година.
Като наведе дека како дел од церемонијата на отворање на Олимпијадата, лидери од 15 различни земји и меѓународни организации и 70 претставници на влади ќе дојдат во Јапонија.
Посочувајќи дека епидемијата на Ковид-19 ја отежнува директната дипломатија, Като рече дека посетата на лидерите на Токио ќе придонесе за односите на неговата земја на повеќе нивоа.
Меѓу присутните на церемонијата ќе бидат и францускиот претседател Емануел Макрон, премиерот на Монголија, Лувсанамсраи Ојун-Ердене и Џил Бајден, сопругата на американскиот претседател Џо Бајден.
Според информациите на агенцијата „Кјодо“, добиени од извори на јапонското Министерство за надворешни работи, по избувнувањето на Ковид-19 голем број лидери ја откажале програмата „Токио 2020“.
На церемонијата на отворање на Олимписките игри во Рио де Жанеиро што се одржа во Бразил во 2016 година присуствуваа лидери на 40 земји.