Barış Seçkin
19 Јануари 2021•Ажурирај: 20 Јануари 2021
РИМ
Клубот од италијанската Прва фудбалска лига (Серија А), Милан, го приклучи во клубот хрватскиот стрелец Марио Манџукиќ до крајот на сезоната, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Милан со задоволство соопштува дека е постигнат договор со Марио Манџукиќ“, се вели во писменото соопштение на овој клуб.
Во соопштението се наведува дека со 34-годишниот стрелец е постигнат договор што ќе трае до крајот на сезоната, и дека постои опција за продолжување на договорот за една година.
Манџукиќ во Милан ќе го носи дресот со број 9.
Хрватскиот фудбалер во својата кариера играше за истакнати европски фудбалски клубови, како Баерн Минхен, Атлетико Мадрид и Јувентус, а на почетокот на 2020 година беше трансфериран во катарскиот клуб Ел Духаил, чиј дрес го носеше пола сезона.